Admir Fazlagic
30 Декември 2017•Ажурирај: 31 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во својата новогодишна честитка до граѓаните на Република Македонија порача дека очекува Македонија да биде 30. земја членка на НАТО, почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, а вети и повисоки плати, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во новогодишната порака до граѓаните, Заев вели дека Македонија се соочи со предизвиците и се случи пресврт, после кој Македонија се стабилизираше и тргна кон раст и развој.
Според неговите зборови, клучен фактор за создавање доверба е да се спроведува владеење на правото. Правната држава создава сигурност за секој граѓанин поединечно, и за општеството во целост.
„Ставањето на граѓанинот во центарот на нашата грижа, значи постојано подобрување на условите за живот на луѓето и поттикнување на сигурноста на граѓаните – да се биде сигурен значи да се биде ослободен од страв, ослободен од економска и друг вид неизвесност", вели Заев.
Тој се осврна и на борбата со сиромаштијата и борбата против корупцијата.
„Борбата со сиромаштијата и обезбедувањето на сигурноста се основни услови, но тие се само дел од поголема целина. Знаењето, вештините и здравјето како врвни приоритети, ја подигнуваат свеста за афирмација на човековото достоинство. За достоинствени граѓани на нашата Македонија. Ќе бидеме достоинствени ако сме чесни, а чесноста подразбира борба против корупцијата", истакна Заев.
Порача дека одредени политичари во изминатите години избрале да водат политика на поделби и предизвикување конфликти кои луѓето ги поделиле на „наши“ и „ваши“, за што реше дека е политика што гради минато, а не иднина.
„А, нам, наместо поделба ни треба доверба. Само интегрирана Македонија, единствена во различностите, ќе биде стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани. Во таква Македонија веруваат мнозинството од граѓаните. Затоа градиме општество еднакво за сите", наведе Заев.
Во однос на очекувањата за 2018 година рече дека очекува многу ангажман, со единствена цел: мирен и квалитетен живот за граѓаните.
„Ќе растат платите, затоа што имаме сериозен и прецизен План за економски раст. Тој план ќе обезбеди нови, подобро платени работни места. Проектираниот буџет за 2018 ќе донесе финансиска стабилизација на земјата, раст и правичност. Ќе ги интензивираме напорите во реформските процеси за демократска обнова на општеството, за обезбедување професионални и деполитизирани институции, еднакво и квалитетно услужни кон сите граѓани", рече премиерот Заев.
Додаде дека Македонија продолжуваме да биде пријател со сите пет соседи, но и предводници во градењето нов имиџ за Балканот пред светот.
„Конечно, очекуваме Македонија да биде 30-та земја членка на НАТО. Очекуваме да добиеме чиста препорака за почеток на предпристапни преговори со ЕУ. Брисел знае дека имаме доволно добри аргументи за ова наше очекување", потенцираше Заев.
Повика на обединување на сите граѓани на Република Македонија околу клучните приоритети, да се заокружиме визијата за модерна, економски напредна и респектирана држава.
„Сега како никогаш досега, сите да ја прифатиме одговорноста за нашата иднина. Сега, кога 21-от век станува полнолетен, ајде заедно да го положиме испитот на зрелоста, заради иднината на нашата заедничка Македонија. Заслугите ќе им припаднат на сите", порача премиерот на Република Македонија Зоран Заев.