Балкан

Заев: Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој

„Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка", рече Заев

Admir Fazlagikj  | 15.03.2018 - Обновена : 15.03.2018
Заев: Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во своето обраќање до јавноста по повод изгласувањето на Законот за употреба на јазиците рече дека овој закон е придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во своето обраќање Заев рече дека овој коцепт, со своите вредности, ја добил поддршката од мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, но и на локалните избори во Македонија.

„Таа вредност: Македонија – земја на сите граѓани, е концепт и патоказ за нашата иднина.Се определивме за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години. Никој не e, и не може да биде над Уставот. Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка", рече Заев.

Меѓу другото, Заев рече дека истовремено, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик.

„Сега е време да ги отфрлиме политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности. Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Нема разумно оправдување во блокадата на политичките процеси и на политичките институции како што е Собранието. Наместо тоа, време е сите ние, политичарите, да ја преземеме одговорноста што им ја ветивме на граѓаните и да ги заокружиме реформските процеси во Република Македонија. Време е за реформи и за економија, време е за развој на Македонија, во интерес на сите граѓани", порача премиерот Заев.

Собранието на Република Македонија со 64 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за употреба ја јазиците, без амандманска расправа.

Потсетуваме, на 11 јануари оваа година Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазици, но претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов на 17 јануари донесе одлука да не го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Потоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, до Собранието поднесоа 35.569 амандмани, со кои сакаат да докажат дека овој закон е противуставен и дека треба да се повлече.

Според законот, се предвидува во сите државни органи на Република Македонија, покрај македонскиот јазик, официјален јазик да биде и јазикот кој го говорат 20 отсто од граѓаните во Македонија и неговото писмо, во случајот албанскиот јазик.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.