Започната истрага против седуммина полициски службеници во врска со пожарот во Кочани
– Судските власти во Северна Македонија започнаа истражна постапка против седуммина полициски службеници поради постоење сомнение за сторени тешки дела против општата сигурност

СКОПЈЕ (АА) – Судските власти во Северна Македонија започнаа истражна постапка против седуммина полициски службеници поради постоење сомнение за сторени тешки дела против општата сигурност, пренесува Анадолу.
Постапката е поврзана со трагичниот пожар што се случи во ноќен клуб во Кочани во саботата кон неделата, во кој животот го изгубија 59 млади лица, за кој надлежните потоа соопштија дека нема дозвола за работа.
Наредба за спроведување истражна постапка е донесена од страна на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција.
Како што се наведува од Јавното обвинителство на Северна Македонија, осомничените, како службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, изготвиле, потпишале и одобриле позитивна согласност со која му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
„Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови, при што на 16.3.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 лица се здобија со тешки телесни повреди“, се истакнува во соопштението.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.