Admir Fazlagic
16 Јуни 2022•Ажурирај: 17 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски како специјален гостин се обрати преку конференциска видеоврска на Преспа форумот за дијалог кој се одржува во Охрид, при што порача дека „сега е историски момент за Европа и нејзината безбедност“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на Преспа форумот за дијалог кој од 16-18 јуни се одржува во Охрид под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, се одржа сесија на високо ниво на тема „Што после војната во Украина“.
Во своето видео обраќање, Зеленски се осврна на војната во Украина и говореше за влијанието на војната врз Европа и регионот.
Според Зеленски, сега е клучен момент секој да одлучи дали Европа ќе биде безбедна. Тој рече дека сега е моментот кога секој треба да одлучи и за тоа дали Европа ќе биде социјално и економски развиена и ќе ги инспирира општествата надвор од нејзиниот континент.
„За Украина ова е најстрашниот воен предизвик, и украинскиот народ се брани веќе 113-ти ден од руските амбиции да го уништат украинскиот народ и култура“, нагласи Зеленски.
Тој истакна дека украинската одбрана од Русија е од фундаментално значење за секого во Европа, појаснувајќи дека „сите во демократскиот свет се соочуват со енергетска криза без преседан“.
„Многу години Русија креира впечаток дека е наводно сигурен извор на енергетски ресурси, но во реалноста направи различни европски земји да зависат од неа. Уште полошо сценарио е со пазарот на храна, при што не само што се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, туку се создава и нова мигрантска криза. Ќе споменам уште еден елемент од руската антиевропска политика – а тоа е дека Русија е можеби најголемиот инвеститор во пропаганда“, потенцираше украинскиот претседател.
Како што рече, сериозна дискусија за безбедносната архитектура во Европа „мора да биде базирана на потребата да се ослободи Европа од зависноста што руската држава ја прави со децении“.
Меѓу другото, тој порача дека се потребни санкции за, како што рече, антиевропската политика на Русија.
Украинскиот претседател се осврна и на Самитот на ЕУ-Западен Балкан, кој е најавено да се одржи во текот на овој месец, посакувајќи тој да биде успешен за балканските држави.
„Полноправното членство на Украина како и целосната европска интеграција на вашите држави е историско зајакнување на Европа и целосно демонтирање на руската способност да нѐ победи поединечно. Потребен ни е позитивен одговор на нашата и на вашата европска перспектива и благодарен сум што работиме на таа цел заедно“, изјави Зеленски и додаде:
„Одговарајќи за нашата европска перспектива, и одговарајќи за вашата европска перспектива, народите во Европа и европските политичари одговараат за иднината на Европа.“
Во рамките на второто издание на Преспа форумот за дијалог учествуваат значајни личности од политиката и дипломатијата од регионот и пошироко.