Земјите од Западен Балкан, омилена дестинација за туристите
Турските државјани се најчестите туристи во Северна Македонија
СКОПЈЕ (АА) - Земјите од Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија со своите историски и природни убавини и годинава достигнаа рекордни бројки во туризмот.
Во годинашната сезона гореспоменатите земји ги посетија милиони луѓе, според податоците собрани од Анадолу.
Регионот секоја година пречекува сѐ повеќе туристи со градбите од османлиското наследство, античките градови, автентичните села, длабокото сино море, плажите, реките и убавата природа накитена со секоја нијанса на зелената боја.
- Албанија е на прво место во Европа по порастот на бројот на странски посетители -
Туризмот стана еден од најважните сектори во економијата на Албанија, кој албанските власти го сметаат за еден од главните мотори на економскиот развој и раст на земјата.
Сеопфатната туристичка понуда на земјата ги смени и видот и целта, при што странските туристи не престојуваат само на крајбрежјето и не ја посетуваат Албанија само во летните месеци на плажите, туку имаат можност да го истражуваат агротуризмот, културните знаменитости, локалните фестивали и саеми, како и планинскиот туризам.
Во меѓувреме, најголем број посетители се од Косово, Северна Македонија, Грција, Италија, Велика Британија, Црна Гора, Полска, САД, а потоа се граѓаните од Шпанија, Германија, Швајцарија, Австрија, Туркије, Бугарија, Хрватска, Романија и други земји.
Министерството за туризам и животна средина на Албанија потврди дека во периодот јануари-септември 2024 година во земјата влегле 9,7 милиони странски посетители.
Во меѓувреме, Светската туристичка организација на Обединетите нации (СТООН) го објави Туристичкиот барометар за периодот јануари-јули 2024 година, каде што потврди дека Албанија е на прво место во Европа по зголемување на бројот на посетители и на второ место во светот по Катар.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во изјавата на социјалните мрежи истакна дека Албанија води во Европа по порастот на туризмот.
„Според СТООН, од јануари до јули 2024 година Албанија е прва во Европа по пораст на меѓународни посетители во споредба со времето пред КОВИД-19, а втора на глобално ниво, веднаш по Катар“, напиша Рама.
Во октомври 2024 година албанските власти ја претставија и Националната стратегија за туризам 2024-2030 година, со фокус на одржливиот развој во туристичкиот сектор.
Оваа стратегија се заснова врз шест главни столба што вклучуваат инвестиции, фискални и регулаторни политики во туризмот, управување со дестинации, развој на туристички производи, маркетинг на дестинации и градење капацитети.
Националната стратегија за туризам, исто така, проектира создавање, подобрување и консолидација на туристички производи преку поделба на земјата на неколку туристички региони: туристички регион на јадранското крајбрежје, северниот внатрешен туристички регион, туристичкиот регион на Тирана, туристичкиот регион на јонското крајбрежје како и јужниот внатрешен туристички регион.
„Албанија 2030, шампион на Балканот во туризмот“, е една од целите на албанската Влада, која туризмот го става меѓу приоритетните сектори на развој. Во овој контекст, албанските институции следат сеопфатна стратегија и визија за туристичкиот сектор, со внимание на животната средина и инфраструктурата.
- Турските државјани се најчестите туристи во Северна Македонија -
Според податоците на Државниот завод за статистика на Северна Македонија, бројот на странски туристи во август 2024 година беше 119.572, а бројот на домашни 113.004, со што вкупниот број на туристи е 232.576.
Во периодот јануари-август 2024 година бројот на странски туристи изнесува 568.877. Во истиот период пред една година бројот на странските туристи изнесувал 497.386, што значи дека годинава има пораст од 14,4 отсто.
Кога се анализираат земјите од кои доаѓаат странските туристи, турските државјани убедливо се на прво место.
Во август Северна Македонија ја посетиле 50.227 турски државјани, што е 42 отсто од вкупниот број странски туристи. Во периодот јануари-август 2024 година бројот на турски државјани што ја посетиле Северна Македонија изнесува 203.722 или 35,81 отсто од вкупниот број странски туристи.
Северна Македонија забележа рекорден број туристи пред пандемијата со КОВИД-19, во 2019 година, кога вкупниот број на туристи, домашни и странски, изнесуваше 1.184.963.
Минатата година бројот на туристи речиси го достигна тоа ниво, односно вкупниот број на туристи беше 1.168.730. Доколку се задржи трендот на зголемување на бројот на туристи во однос на минатата година, се очекува Северна Македонија годинава да достигне нов рекорден број туристи.
- Косово бележи зголемување на бројот на туристи -
Според статистичките податоци за сместување објавени од Агенцијата за статистика на Косово (АСК), околу 38.000 странски туристи престојувале во хотелите во земјата во јули и приближно 45.000 во август. Најмногу странски туристи во Косово се дојдени од Албанија, Германија, Швајцарија и Туркије.
Според податоците што ги сподели АСК за 2023 година, лани во хотелите во земјава престојувале околу 357.000 странски туристи. Споредено со 2022 година, оваа бројка е зголемена за околу 20 проценти.
Од друга страна, меѓународниот аеродром во Приштина „Адем Јашари“, единствен аеродром во земјата, кој прими приближно 3,4 милиони патници во 2023 година, се очекува оваа година да го надмине прагот од 4 милиони патници.
- Босна и Херцеговина собори рекорд по број на туристи -
Според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ, во осум месеци од 2024 година земјава ја посетиле 941.668 туристи. Бројот на туристи е зголемен за 10,8 отсто во однос на истиот период лани.
Во овој период најголем дел од туристите што ја посетиле Босна и Херцеговина се од Туркије. По Туркије во рангирањето следуваа Хрватска, Србија и Саудиска Арабија. Во осуммесечниот период Босна и Херцеговина ја посетиле 145.493 туристи од Туркије, 113.728 од Хрватска, 105.021 од Србија и 81.137 од Саудиска Арабија.
Шефот на туристичкиот сојуз на кантонот Сараево, Харис Фазлагиќ, во изјава за Анадолу рече дека за девет месеци собориле рекорд и дека во Сараево пречекале повеќе од 630.000 туристи.
Истакнувајќи дека има зголемување од 20 проценти на бројот на туристи што го посетиле главниот град Сараево во споредба со истиот период минатата година, Фазлагиќ рече:
„Ако го анализираме туристичкиот профил, 90 отсто од посетителите се странци, додека 10 отсто се домашни туристи. Кантонот Сараево доживува успешна година. Со новите авиолинии напролет очекуваме уште повеќе туристи. За девет месеци најмногу дочекавме туристи од Туркије, Саудиска Арабија, Хрватска, Кина, Србија, САД, Словенија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт. Просечниот престој на туристите што доаѓаат во Сараево е 2,2 ноќевања“, рече Фазлагиќ.
Тој додаде дека туристите посетуваат и места поврзани со војната во Босна што се случи во периодот 1992-1995 година.
„Посетителите сакаат да ја видат линијата на опсадата, тунелот на спасот и другите туристички локации. Сакам да кажам дека планините околу Сараево се сараевското море. Снежните врнежи играат важна улога во зимската сезона, но снегот постепено се намалува“, изјави тој.
- И Србија најмногу ја посетуваат турски туристи -
Според податоците на Српскиот туристички сојуз, со над 1,5 милиони туристи што ја посетиле земјата, се очекува да се надмине рекорд за сезоната 2024 година.
Од друга страна, според информациите добиени од Консултантството за култура и туризам на турската амбасада во Белград, минатата година имало рекорден број турски туристи кои ја посетиле земјата.
Турците се на прво место во рангирањето на туристи што ја посетуваат Србија. Во периодот јануари-септември 2024 година бројот на турски туристи е евидентиран на 185.885. Во однос на 2023 година е забележан раст на бројот на турски туристи за 22 отсто.
Во меѓувреме, Црна Гора во првите девет месеци од 2024 година ја посетиле околу 1.226.000 туристи.
- Најпосетуваните места во регионот -
Албанија стана едно од најомилените места за туристите, особено во летните месеци, со своето крајбрежје. Во Косово најпосетувани места се Приштина и Призрен, а во Северна Македонија - Скопје и Охрид со своето езеро.
Најомилени градови во Босна и Херцеговина кај туристите покрај Сараево се Мостар и Травник.
Сараево, град што најмногу е посетуван од туристите, е избран за „најдобар во светот“ од магазинот National Geographic меѓу местата што треба да се посетат во 2025 година.
Во Црна Гора, Будва и Котор, лоцирани на крајбрежјето, привлекуваат внимание како градови во кои доаѓаат најмногу туристи.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.