Senita Sehercehajic
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ се сретна со германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пред министерскиот состанок на Берлинскиот процес во Будва, Црна Гора, при што го потврдија високото ниво на билатерални односи меѓу двете земји, јавува Анадолу.
Ибрахимовиќ ѝ се заблагодари на Германија за силната и континуирана политичка и експертска поддршка за европските интеграции на Црна Гора, нагласувајќи ја решеноста на земјата да го искористи актуелниот импулс, да ги заврши преговорите до крајот на годината и да биде подготвена за членство во Европската Унија до 2028 година.
„Напредокот на Црна Гора покажува дека политиката на проширување дава резултати кога процесот се заснова врз заслуги и конкретни реформи. Успехот на Црна Гора би послужил како силна потврда за кредибилитетот на политиката на проширување и за способноста на ЕУ да ги претвори своите стратегиски одлуки во опипливи резултати“, порача Ибрахимовиќ, според наводите на црногорското Министерство за надворешни работи.
Официјалните претставници ја истакнаа важноста на Берлинскиот процес како клучна рамка за зајакнување на регионалната соработка и приближување на Западен Балкан кон Европската Унија.
Ибрахимовиќ ѝ се заблагодари на Германија за поддршката на претседавањето на Црна Гора со процесот и го поздрави учеството на Вадефул на состанокот, како и претстојното учество на сојузниот канцелар Фридрих Мерц на самитот на Берлинскиот процес на 22 октомври. Разговорите се фокусираа и на натамошно зајакнување на билатералната соработка, при што беше истакнат заедничкиот интерес за продолжување на интензивниот политички дијалог и дополнително зацврстување на партнерството меѓу Црна Гора и Германија, како на билатерално ниво, така и во рамките на НАТО и процесот на европски интеграции.
Министерскиот состанок на Берлинскиот процес, кој ги собира министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, високи претставници од земјите членки на Берлинскиот процес, Европската Унија и регионалните организации, започна денес во Будва, Црна Гора.
Домаќин на состанокот е црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ, а воведно обраќање одржа и европската комесарка за проширување Марта Кос.
Во 2026 година Црна Гора првпат ќе претседава со Берлинскиот процес, кој беше инициран во 2014 година. Претседавањето ќе заврши со самит на лидерите, закажан за 22 октомври.
Берлинскиот процес ги обединува владите на земјите од Западен Балкан, девет земји членки на ЕУ и Обединетото Кралство – со силна поддршка од регионалните организации и Германија, како иницијатор на процесот – служејќи како платформа за зајакнување на регионалната соработка и приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
Цел на Берлинскиот процес е да се унапредат регионалната соработка и соработката со ЕУ во различни области на политиките, со што се поддржуваат земјите од регионот во исполнувањето на стандардите на ЕУ и во обезбедувањето опипливи придобивки за граѓаните.