Admir Fazlagic
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во вечерашното свое обраќање до јавноста по повод настанатата ситуација поради приведувањето на лицата коишто Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов порача дека „за политичкото, како и за физичкото насилство мора да има одговорност", а исто така порача и дека ја поддржувал и ќе ја поддржува граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија".
„За политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и законите треба соодветно да одговара. Но одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, да се почитува презумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела", рече Иванов.
Тој изјави дека ја поддржувал и ќе ја поддржува граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија" која, како што рече, повеќе од два и пол месеци на мирен и на достоинствен начин ја искажувала грижата за националните интереси на Република Македонија.
Според неговите зборови, граѓаните кои се сплотиле и ја демонстрирале идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација. Иванов повика на разумно и одговорно однесување на сите надлежни институции кои како што рече, мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.
„Во услови кога не очекува исполнување на многу превземени обврски за консолидација на општеството, како и на планот на европската и евроатланската интеграција, целата енергија треба да е фокусирана кон градење консензус за националниот дијалог и исполнување на реформите", нагласи Иванов.
Тој рече дека граѓаните на Македонија очекуваат решенија, а не проблеми и порача дека сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните.
Претседателот Иванов во својот говор потсети, како што наведе, на нешто што го кажал и претходно, а тоа е дека „нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир".
Потсетуваме, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка.
По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик.
Исто така, денеска пред Кривичниот суд во Скопје ВМРО-ДПМНЕ организираше протест на кој се собраа стотина граѓани во знак на ревлот на приведувањето на лицата коишто Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.