Admir Fazlagic
09 Ноември 2017•Ажурирај: 10 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, упати честитка по повод двегодишнината од отворањето на сервисот на македонски јазик на турската новинска агенција Anadolu Agency (AA), при што посака АА и во иднина да продолжи да придонесува во збогатувањето на медиумската понуда и да продолжи да биде пример со својата професионалност.
„Имам големо задоволство да ви ја честитам двегодишнината од отворањето на регионалното преставништво на турската државна новинска агенција Anadolu Agency во Скопје и емитувањето вести на македонски јазик“, вели претседателот Иванов во честитката.

Според неговите зборови, отворањето на регионалното претставништво на турската државна новинска агенција во Скопје во 2015 година е потврда за искреното пријателство и меѓусебната поддршка меѓу Република Македонија и Република Турција.
„Република Македонија високо го цени фактот што македонскиот јазик е еден од 13-те странски јазици на кои известува турската државна новинска агенција Anadolu Agency (AA), која со својата мрежа на дописништва на неколку континенти се вбројува меѓу водечките светски новински агенции“, истакнува претседателот Иванов.
Со искрени желби за понатамошна успешна работа на сервисот на македонски јазик на АА, претседателот Иванов порача:
„Честитајќи Ви ја двегодишнината од отворањето на регионалното претставништво во Скопје, Ви посакувам и во иднина да продолжите да придонесувате во збогатувањето на медиумската понуда и да продолжите да бидете пример со вашата професионалност“.
Пред точно две години, на 9 ноември 2015 година, со седиште во Скопје, Anadolu Agency (AA) отвори сервис на македонски јазик, од каде што се објавуваат вестите и на албански јазик.
Во изминатите две години, сервисот на АА на македонски јазик објавуваше вести од сите страни од светот.
Од основањето на Сервисот на АА на македонски јазик досега, објавени се 25 460 вести, 11 260 фото галерии и 6060 видео записи.
Новинската агенција Anadolu Agency (AA) има историја долга над девет децении. AA објавува вести на 13 светски јазици, меѓу кои на турски, англиски, арапски, персиски, БХС (босански, српски, хрватски), руски, курдски, француски, албански, македонски јазик, индонезиски и шпански јазик.