Abdula Berisha
24 Јули 2019•Ажурирај: 26 Јули 2019
СКОПЈЕ
Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, имаше состанок со претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК) на Северна Македонија, Даниела Арсовска, како и со други претставници од бизнис-заедницата, на која беа презентирани измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката Апостолска рече дека самите законски измени докажуваат дека Владата е посветена на соработката и комуникацијата со бизнис-заедницата.
„Најважно е што се направи едно проширување на опфатот на компаниите, од причина што се оцени дека има сè уште потенцијал, има средства во буџетот, минатата година сите се исцрпеа, оваа година се предвидени за 47 % повеќе средства“, рече Апостолска.
Претседателката на ССК, Арсовска, рече дека законот претрпел измени по барање на бизнис-заедница, при што покрај зголемувањето на опфатот и вклучувањето на повеќе сектори, направено е исто така и поедноставување на критериумите и промена на роковите за аплицирање.
„Бројката на компаниите коишто сега со овој пакет се опфатени е околу 4.000 и се надеваме дека ќе биде поголем процентот на компании коишто ќе можат да ја искористат можноста. Како што знаете, од првиот закон, нешто над 300 компании беа во можност да го користат овој пакет на финансиска поддршка“, рече Арсовска.
Претседателката на ССК, исто така, рече дека во иднина ќе се организираат и неколку состаноци на кои компаниите ќе бидат детално известени за критериумите и роковите за апликација.
За време на прес-конференцијата беше кажано дека во рамки на планот за економски раст, од буџетот се планирани околу 70 милиони евра за поддршка на компаниите.