Fatjon Cuka,Dzihat Aliju
24 Јули 2019•Ажурирај: 28 Јули 2019
КАМЗА (АА) - ФАТЈОН ЏУКА -
Во градот Камза, што се наоѓа во близина на главниот град Тирана во Албанија, патиштата и улиците ги носат имињата на светските метрополи, политичките лидери и меѓународните институции, а со тоа ги изненадуваат посетителите.
Речиси сите главни и споредни улици на градот се именувани по светски познатите метрополи и главни градови, а имињата на активните или поранешните политички лидери, исто така, се дел од имињата со кои се именувани улиците на Камза.

Странците кои ја посетуваат Камза се зачудени од таа состојба, а општинските власти велат дека со таа метода имаат за цел да ги развијат меѓукултурните односи.
Освен имињата на градовите како што се Анкара, Истанбул, има и имиња на активни и стари светски лидери како Мустафа Кемал Ататурк, Доналд Трамп, Џорџ Буш, Тони Блер и Силвио Берлускони. Во Камза, исто така, постојат и улици со имиња на светските метрополи како што се Дубаи, Пекинг, Берлин и Париз.
Се наведува дека Општината Камза, исто така, одлучила на една улица да ѝ го даде името „Сараево“ и дека што е можно поскоро ќе биде избрана улицата и ќе биде поставена таблата.

Некои имиња на улици во Камза, вклучуваат и имиња на важни меѓународни институции, како што се НАТО и Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ).
Улиците во Камза ги носат и следните имиња: „Вашингтон“, „Њујорк“, „Тексас“, „Скопје“, „Брисел“, „Амстердам“, „Рим“, „Стразбур“, „Лондон“, „Атина“, „Виена“, „Женева“, „Монте Карло“, „Монтреал“, „Мексико Сити“, „Хелсинки“, „Софија“, „Приштина“, „Барселона“.

- „Целта е да се создаде мост со светските метрополи“
Заменик-градоначалникот на Камза, Артан Дервиши, во разговор за Anadolu Agency (AA) рече дека имињата имаат за цел поддршка на политиките за локален развој и создавање мостови со светските метрополи.
Дервиши, кој исто така е и директор за односи со јавноста на општината, истакна дека со некои градови по кои ги именувале улиците имаат и потпишано договори за збратимени градови.
„Имаме збратимени договори со познати светски градови. Меѓу нив се наоѓа и Анкара. Целта на овие имиња е развој на меѓукултурните односи“, нагласи Дервиши.
Истакнувајќи дека со именувањата сакаат Камза да го достигне нивото на развој на овие градови, Дервиши рече дека иницијативата е поздравена и прифатена од странските градоначалници.
- „Општината Камза ќе продолжи со оваа иницијатива“
Нагласувајќи дека околу 170 илјади луѓе од различни националности живеат во Камза, Дервиши таа ситуација во градот ја опиша како „извонредна социјална кохезија која го покажува моделот на интегрирање на различни култури“.
Дервиши, истакнувајќи дека улиците се именувани и по различни градови во Албанија и по истакнати имиња од нејзината историја, нагласи: „Општина Камза ќе продолжи со оваа иницијатива. Оваа иницијатива ќе биде една од политиките за поттикнување на приближувањето на Камза со овие градови, а исто така и за добивање поддршка од тие градови.“