Husamedin Gina
04 Април 2022•Ажурирај: 05 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека денес Северна Македонија го слави „Денот на НАТО“ со посебна гордост и со полно право како 30-та земја членка на Алијансата - најмоќниот воен сојуз во светот заснован на највисоките цивилизациски и демократски вредности, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Ковачевски и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денес се обратија на трибината организирана од страна на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија по повод „Денот на НАТО - 4 Април“.
Во своето обраќање на трибината Ковачевски истакна дека Северна Македонија го слави „Денот на НАТО - 4 Април“ заедно со своите сојузници со посебна гордост и со полно право како 30-та земја членка на Алијансата - најмоќниот воен сојуз во светот заснован на највисоките цивилизациски и демократски вредности.

„Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот во која граѓаните имаат сигурна иднина. НАТО како воен сојуз е посветен на унапредување на заедничкиот систем за колективна безбедност. Токму затоа ја оценивме руската воена агресија во Украина како неиспровоцирана и неоправдана, но и како сериозно кршење на меѓународното право“, нагласи премиерот Ковачевски.
На Денот на НАТО, Ковачевски истакнувајќи дека Северна Македонија гордо, рамо до рамо стои со сојузниците, рече дека заедно градиме просперитетно, безбедно, мирно и слободно општество и дека тоа се вредности на земјите членки на НАТО, ЕУ и на граѓаните на Северна Македонија.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, потсети дека Северна Македонија го има трасирано одамна патот кон НАТО, во далечната 1993 година, и рече дека рекордери сме во брзината со која го завршивме процесот на воена интеграција во Алијансата, што за нас траеше само 19 месеци од членството.
„Не дозволивме фрустрацијата од седењето во чекалната во НАТО да нè поколеба. На нашиот пат кон членството пребродивме блокади. Правевме болни компромиси, се спротивставивме на обидите за внатрешна дестабилизација, но и на надворешните притисоци и за сето време демонстриравме капацитет и историска мудрост“, рече Петровска.
Петровска, истакнувајќи дека во време кога се води војна на европскиот континент цврсто веруваат во принципот на Алијансата: еден за сите – сите за еден, рече дека никој не е безбеден додека сите не сме безбедни.
Претседателот на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани, на отворањето на настанот, упатувајќи порака до сите европски претставници рече дека во овие тешки времиња, кога се наоѓаме пред економска, политичка и безбедносна криза, треба да се направи заеднички ангажман за што побргу започнување на преговорите за членство во ЕУ.
На денешниот настан преку видеоконференција се обрати и заменик-помошничката на генералниот секретар за јавна дипломатија на НАТО, Кармен Ромеро, која истакна дека во овие денови улогата на Северна Македонија е важна во однос на глобалната стабилност и сигурност.
Настанот „Денот на НАТО – 4 Април“ традиционално го организира Евроатлантскиот совет на Северна Македонија.