Zlatan Kapiç
31 Јули 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
САРАЕВО (АА) - Канцеларијата на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина од редот на хрватскиот народ, Жељко Комшиќ, го повика амбасадорот на Република Хрватска во Босна и Херцеговина, Иван Саболиќ, на итен состанок, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според неофицијални информации, тема на состанокот ќе биде изјавата на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, дека „БиХ е нестабилна држава под влијание на милитантниот ислам“.
Израелскиот весник „Ерусалим пост“ (Jerusalem Post) објави дека Колинда Грабар-Китаровиќ, која престојува во посета на Израел, рекла дека БиХ е „многу нестабилна и дека во одреден поглед ја презеле луѓе поврзани со Иран и терористичките организации“.
Грабар-Китаровиќ, одговарајќи на прашањето на новинар во Ерусалим, демантираше дека говорела за БиХ во овој контекст.
На изјавата на Грабар-Китаровиќ синоќа остро реагираа членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.
Се огласи и поранешната хрватска премиерка, Јадранка Косор, која упати извинување до соседна Босна и Херцеговина и сите нејзини народи.
И Бошњачкиот национален совет (BNV), исто така, објави соопштение во кое најостро ги осудува изјавите за Босна и Херцеговина како нестабилна земја во која постои милитантен ислам на претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.
Во соопштението потпишано од Армин Хоџиќ, претседателот на Бошњачкиот национален совет, се наведува дека Колинда Грабар-Китаровиќ во предизборната кампања се обидува да се избори за гласовите на десницата, но предупредува дека „тоа не треба да биде на штета на билатералните односи со соседните држави и преку измислување надворешни непријатели“.