Senada Ibraimova
23 Февруари 2017•Ажурирај: 24 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Клубот на пратениците започнаа редовните годишни билатерални консултации меѓу тимот предводен од Министерството за одбрана на Република Македонија (РМ) и тимот на НАТО, во врска со процесот на интеграција на државата во НАТО алијансата, јавува Anadolu Agency (AA).
Тимот на Македонија е предводен од највисоките авторитети на Министерството за одбрана, на ниво на државен секретар и начелник на Генералштабот на армијата на РМ, а тимот на НАТО го предводи директорот за одбранбено планирање на алијансата, Пол Северо.
На овие билатерални консултации се разгледува напредокот што го има постигнато Македонија во делот на потребните подготовки во одбраната за добивање полноправно членство во НАТО алијансата.
„Очекуваме фокусот на дискусијата и изразувањето почит кон напорите што ги има направено РМ во поглед на интеграцијата во НАТО, да биде ставен на имплементацијата на планот за опремување и модернизација на армијата на РМ, за коишто владата на РМ одвои 315 милиони евра за финансирање на проекти коишто ќе придонесат за соодветно опремување на армијата на РМ“, изјави државната секретарка на Министерството за одбрана на РМ, Елизабета Чуповска Ристова.
Таа додаде дека исто така, во фокусот на дискусијата ќе биде придонесот на армијата на РМ во меѓународните операции, развојот на човечките ресурси, како и одбранбените подготовки во делот на постигнувањата за развојот на партнерските цели, во делот на копнените и на воздухопловните сили.
Ристова истакна дека интеграцијата во НАТО е една од главните стратешки цели на Владата на РМ и оти од 2008 година па наваму, Владата редовно ги одржува сите билатерални и мултилатерални консултации со НАТО во функција на остварување на таа цел.
Таа пренесе дека Македонија оваа година ќе го затвори 17. циклус на планот за интеграција во НАТО и оти се очекува во најскоро време да биде свикан состанок во седиштето на алијансата, на којшто ќе бидат потврдени заложбите на државата.
Ристова исто така пренесе дека од страна на НАТО, највреднуван е придонесот на РМ во делот на мировните операции.
„Република Македонија заклучно со оваа година има распоредено повеќе од половина од својата армија во меѓународни операции, односно 50 проценти од вкупниот број офицерскиот и подофицерскиот кадар што го има и професионалните војници се распоредени веќе во меѓународни операции“, рече таа.