Zylfije Adem Jakupi
09 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
ПРИШТИНА
Со церемонија во Касарната „Адем Јашари“ во Приштина, денес е испратен првиот контингент со симболичен број војници на Косовските безбедносни сили (КБС) во Кувајт, во прва меѓународна мировна мисија заедно со американските мировни трупи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вршителката на должноста претседателка на Косово, Вјоса Османи, изјави дека ова е историски ден за Косово. Таа истакна дека пред 22 години било незамисливо косовските војници да бидат дел од некој мировна мисија во светот.
„Од земја која некогаш увезуваше мировни сили денес постепено се трансформираме во земја што извезува мировни сили. Овој контингент што го испраќаме до државата Кувајт е мал по број, но голем по содржина и порака. Овие момци пишуваат нова историја на нашите сили“, рече Османи.
Таа истакна дека оваа шестмесечна мисија не би била можна без Соединетите Американски Држави (САД) и американските војници, и дека програмата за соработка со американската Војска е долгорочна и има за цел создавање и проширување на партнерството со КБС во функција на промовирање на регионалната безбедност, но и пошироко.
Османи потсети дека во 2018 година започнал процесот на трансформација на Косовските безбедносни сили во косовска војска и дека е предвидено тој да трае десет години. Според неа, оваа мисија може да биде и во функција на тестирање на капацитетите на косовските војници за служење во мировни мисии и за скратување на временскиот период за трансформација на КБС, а и за постигнување целосен оперативен капацитет.
Вршителката на должноста претседателка, која е и врховен командант на Косовските безбедносни сили, порача дека војниците во мировната мисија ќе бидат најдобрите амбасадори на својата земја.
Вршителот на должноста министер за одбрана на Косово, Антон Куни, исто така, оцени дека ова е историски настан и голем чекор за КБС и Косово.
Командантот на КБС, генерал Рахман Рама, истакна дека и покрај предизвиците, создадени се професионални, посветени и мултиетнички сили. Нагласи дека КБС, кои досега придонесуваа за мирот на Косово, сега даваат придонес за мирот и во светот, и изрази уверување дека војниците одговорно ќе ја вршат својата мировна мисија.