Stipe Majic
15 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Во Исламскиот центар во Загреб започна дводневната конференција „Муслимански заедници во Источна Европа, права и должности“, во организација на Светскиот совет на муслиманските заедници и мешихати на Исламската заедница во Хрватска на која се собраа претставниците на исламските заедници од 27 земји на регионот, Европа и светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Муфтијата од Загреб и претседател на мешихатите на Исламската заедница во Хрватска, Азиз еф. Хасановиќ, изјави дека пред цела Европа и пред исламските заедници има голем број предизвици и истакна дека потребно е да се пронајдат најдобрите патишта за водење на своите заедници. Притоа ја истакна важноста на позитивни и квалитетни, правни и други искуства.
„Така ќе бидеме слободни да го претставиме моделот на Република Хрватска која ги изедначува сите верски заедници пред законот, ја зајакнува меѓусебната доверба, поттикнува дијалог и соработка на верските заедници и овозможува институционална обука на сите возрасти. Преку квалитена едукација по пат на школска веронаука, се разбиваат предрасудите за исламот, се превенираат отстапувањата во верата, како и сите облици на екстремизмот кои претставуваат најголемо зло за мирот и безбедноста на граѓаните“, изјави муфтијата Хасановиќ.
Тој порача дека со позитивна улога на муслиманските заедници во Европа, со заклучоци и промислувања, може да се помогне на некои да го усогласат своето дејствување со принципите на исламот и така да бидат од корист, а не на штета на исламот и на општеството во целина.
Тој изјави дека е важно земјите кои не го признале статусот на исламот како рамноправна вера, тоа што побрзо да го сторат, во корист за себе и во корист на тие заедници.
Понатаму истакна дека хрватскиот модел во неколку наврати бил понуден како модел за решавање на прашањата на исламските заедници во Европа, со укажување дека овој модел би можел да го реши и прашањето на христијанските малцинства во муслиманските земји.
Хасановиќ се присети дека на денешен ден пред 27 години Република Хрватска е меѓународно признаена, велејќи дека за хрватската слобода се положени 1.180 животи на муслимани и повика на едноминутно молчење и учење на молитва.
Министерот за правда и претседател на Комисијата за односи со верските заедници, Дражен Бошњановиќ, ги поздрави насобраните пред хрватската Влада и премиерот Андреј Пленковиќ, и ја пофали идејата за оваа конференција која се одржува во време кое често се карактеризира, како што рече, со недоразбирањата меѓу различните групи со често трагични последици.
Тој потсети дека во Хрватска пред две години била одбележана 100-годишнината од институционализирањето на исламот, оценувајќи го тоа како големо богатство.
„Сè уште бараме начини на мир, заедништво, мир со самите себе и со сите останати“, рече Бошњановиќ.
Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, исто така учествуваше на отворената конференција, и во својот говор рече дека во Хрватска и Загреб се негуваат исклучителни односи со исламската заедница и дека „муслиманите се почитувани и значајни културни ентитети повеќе од еден век“.
„Муслиманите, покрај останатите, се составен елемент на хрватското општество и државата, што на многу европски меридијани од овие и оние причини тоа не е случај“, рече Бандиќ.
Тој порача дека затајувањето на исламската историја на Европа претставува ирационално премолчување на еднакво вреден историски удел во европската историја.
„Задача на човекот е да се спротивстави на погрешното толкување на туѓите вредности, да се спротивстави на тоа и да каже дека тоа не поминува кај нас и нема да биде дозволено. Исламот и муслиманите во Европа не се гости ниту новодојденци, тие не дошле за да заминат некаде. Напротив, тие се нејзин составен дел“, заклучи Бандиќ.
Тој порача дека треба да се бориме за Европа која не исклучува и не отстранува, Европа која не мрази.
На состанокот свое обраќање имаше и Мухамед Бечари, генерален секретар на Светскиот совет на муслиманските заедници.
Главните теми на оваа дводневна конференција ќе бидат Хрватска како пример за заеднички живот во разновидноста на верските заедници и соочувањето со тенденциите во политиката и јавниот живот кои повикуваат на отуѓување и омраза кон другиот и различниот. Ќе се тематизираат екстремните групи кои во регионот регрутираат истомисленици, образованието во признатата институција како клуч на превенција во развојот на екстремизмот, дијалогот со задржување на идентитетот кој има за цел разбивање на предрасудите итн.