Agim Sulaj
17 Февруари 2023•Ажурирај: 19 Февруари 2023
ПРИШТИНА (АА) – Различни безбедносни единици на Косовските безбедносни сили (ФСК) и косовската полиција парадираа на главните плоштади во главниот град Приштина по повод 15-годишнината од прогласувањето независност на Република Косово, јавува Анадолу.
Илјадници граѓани со знамиња и облечени во боите на сино-жолтото државно знаме беа присутни на плоштадите за да ја видат парадата на безбедносните сили.
Националните знамиња се поставени и на главните плоштади и улици во Приштина.
На оваа свеченост пред присутните се обрати и претседателката на Косово, Вјоса Османи, која рече дека периодот низ кој поминува земјата во ова време на глобални предизвици и закани, ја зголемува потребата за обединување во фронт за доброто на Републиката.
Османи истакна дека армиските и полициските кадри се најсветлиот дел од новата историја на Косово.
„Само кога сме заедно, сме успешни. Нашата република е света и мораме да ја заштитиме и да ја третираме како таква“, нагласи Османи.
Премиерот Албин Курти во својот говор рече дека еднаквоста и правдата се меѓу елементите што ја карактеризираат државата Косово.
Курти нагласи дека темпото на одење на Косово се одредува според темпото на нозете на војниците и полицајците.
„На овој 15-годишен јубилеј, ритамот на нашето движење го одредува ритамот на чекорите на војниците и полицајците на Косово. Овие момчиња и девојки кои ќе маршираат се синови и ќерки на оваа земја со заклетва дека со својот живот ќе го штитат суверенитетот, поредокот и законот на Косово“, нагласи Курти.
Претседателството во текот на денешното попладне го организира државниот прием за 15-годишнината од независноста со почеток во 17:00 часот, а од 20:00 часот ќе се одржи и Концертот на независноста во Приштина.