ПРИШТИНА (АА) - Новоизбраната претседателка на Косово, Вјоса Османи, во својот прв говор во Собранието на Косово им се заблагодари на граѓаните и пратениците за изборот, порачувајќи дека е исполнета волјата на граѓаните изразена на изборите на 14 февруари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Османи е избрана на петгодишен мандат во третиот круг на гласање со 71 глас од 82 пратеници колку што учествуваа во гласањето. Имаше 11 неважечки ливчиња.
По положувањето заклетва и интонирањето на химната, Вјоса Османи во својот говор вети дека ќе работи на зајакнување на државата, владеењето на правото, на заштитата на секој сантиметар од земјата и дека ќе биде претседателка на сите.
Истакна дека нејзиниот избор за претседател е најдобриот показател дека жените можат да успеат и дека ќе ги поддржува жените со сите свои можности и целото свое битие.
Рече дека пред Косово има уште многу работа, за да се надминат последиците од војната и да се развие државата. Таа нагласи дека не треба да се оди подалеку од собраниската сала за да се види колку пропатил косовскиот народ.
Таа ја спомена пратеничката Васфија Красниќи, која е жртва на силување во војната, потпретседателката на Собранието на Косово, Саранда Богујевци, која го преживеа масакрот врз нејзиното семејство во Подуево, министерката за надворешни работи Доника Грвала, ќерка на херојот Јусуф Грвала убиен во Германија, премиерот Албин Курти, поранешен политички затвореник и други кои се бореле за слободата на Косово.
Османи се потсети и на идејниот творец на државата Косово, Ибрахим Ругова, командантот на Ослободителната војска на Косово, Адем Јашари, и сите останати кои се жртвувале за денешно Косово.
Истакна дека трите главни столба на државата Косово се САД, Европската Унија и Велика Британија, како и Република Албанија со која Косово има посебни природни односи.
„Нашата приказна, освен за болка, е приказна и за надежта и победата над злото. На тоа патување имавме постојана поддршка од многу наши пријатели. Ќе им бидеме вечно благодарни на оние кои застанаа на страната на Косово во потрагата по слобода и независност, но застанаа покрај нас во чест на државата Косово. Денес ги замолуваме да бидат со нас во нашите заеднички цели за брза интеграција во евроатлантските структури, економскиот развој, гаранцијата за еднаквост и целокупниот просперитет на земјата“, рече Османи.
Новоизбраната претседателка ги повика сите политички партии да соработуваат во изгградбата на земјата, на обезбедувањето дека Косово биде држава на своите граѓани и различноста на мислењата да е вредност.
„Дијалогот е навистина патот напред, но тој мора да биде чесен и еднаков. А мир ќе се постигне само кога ќе видиме покајание од Србија, кога од неа ќе се побара извинување и кога ќе се добие правда за оние кои страдаа од злосторствата“, нагласи Османи.
Таа рече дека пандемијата на Ковид-19 треба да биде приоритет бидејќи досега се изгубени многу животи.
Османи понатаму им се заблагодари на сите пратеници, особено на Демократскиот сојуз на Косово, нејзината поранешна партија, што го овозможи нејзиниот избор.
Вјоса Османи, која на изборите на 14 февруари освои над 300.000 гласови, минатата година се разиде со својата партија, Демократскиот сојуз на Косово, кога партијата одлучи да ја сруши Владата на Албин Курти, само 50 дена по изборите.
Собранието на Косово денес во третиот круг на гласање ја избра Вјоса Османи за нова претседателка на Косово, која беше кандидатка на изборната листа на движењето Самоопределување.
По предвремените избори одржани на 14 февруари, најпрвин беше конституирано Собранието, а потоа на 22 март беше избрана и Владата на Косово на чело со премиерот Албин Курти.
Вјоса Османи е втора жена претседател на Косово, по Атифете Јахјага.
- Биографија на претседателката Османи -
Вјоса Османи - Садриу е родена на 17 мај, 1982 година во Митровица, каде и го заврши нејзиното основно и средно образование. Таа дипломираше на Правниот факултет при Универзитетот во Приштина, додека магистерските и докторските студии ги заврши на Универзитетот во Питсбург, во Пенсилванија, САД.
Во четири мандати беше бирана за пратеничка на Собранието на Косово, со што стана жена со најмногу гласови во историјата на парламентарните избори и втора политичарка со најмногу гласови на парламентарните избори во Косово. Во претходните мандати претседаваше со парламентарната Комисија за надворешни работи, со Комисијата за европска интеграција и беше заменик претседателка на Комисијата за уставни реформи.
На 3 февруари 2020 година, Вјоса Османи е избрана за прва жена претседател на Собранието на Косово. Таа на 5 ноември 2020 година стана вршителка на должноста претседателка на Косово.
Во текот на 2006 до 2010 година, Вјоса Османи беше шеф на Кабинетот на претседателот Фатмир Сејдиу и виш советник за правни прашања и меѓународни односи. Го претставуваше претседателот во Комисијата за изготвување на Уставот на Република Косово. Беше член на репрезентативниот тим на Република Косово во случајот пред Меѓународниот суд на правдата во врска со прогласувањето независност на Косово.
Од 2006 година предава на Правниот факултет при Универзитетот во Приштина, додека како визитинг професор предаваше и на Универзитетот во Питсбург, САД. Неколку години предаваше и на РИТ - Косово (АУК), ААБ колеџот - Риинвест и држеше тематски предавања на други универзитети во Европа и САД.
Универзитетот во Питсбург ја одликува со меѓународната награда „Шетх“. Османи е членкa е на одборот на Парламентарната мрежа на Светската банка и на Меѓународниот монетарен фонд и членка на Управниот одбор на новите членови на Светска банка и ММФ.
Зборува англиски, турски, српски јазик и комуницира на шпански јазик. Сопруга е на Приндон Садриу со кого има две ќерки близначки.