Zylfije Adem Jakupi
02 Октомври 2021•Ажурирај: 02 Октомври 2021
ПРИШТИНА (АА) - Локалните Срби денеска започнаа со отстранување на камионите што 13 дена го држеа блокиран патот кон Граничниот премин „Јариње“ поради воведувањето реципроцитет од страна на Владата на Косово за регистарските таблички од Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако започна отстранувањето на камионите, започна и повлекувањето на припадниците на Специјалната единица на Косовската полиција.
Повлекувањето на камионите започна десетина минути по пладне. Претходно утрово, во седум часот, Србите ослободија една коловозна лента од патот. Специјалците на Косовската полиција чекаа патот да биде целосно ослободен за и тие да се повлечат.
Меѓутоа, дојде до прекин на процесот кога локалните Срби ги отстранија камионите и од другата лента на патот кон Граничниот премин „Јариње“. Имено, тогаш блиндираните возила на Специјалните единици на полицијата на Косово исто така почнаа да се оддалечуваат, но во еден момент се приближија до камион на кој беше закачен транспарент со натпис „Добре дојдовте во Заедницата на српски општини“.

Иако камионот се наоѓа до патот, косовските специјалци побараа да се отстрани и тој камион, што насобраните српски граѓани го одбија и застанаа пред возилото, не сакајќи да го тргнат, извикувајќи „Србија, Србија“. Поради тоа, блиндираните возила на косовската полиција сè уште се наоѓаат на патот и очигледно нема да се тргнат додека камионот со спорниот транспарент не биде целосно тргнат од патот.
Меѓу локалните Срби е и Игор Симиќ, потпретседател на Српската листа.
Моментално на теренот владее статус кво, бидејќи блиндираните возила сè уште се на патот што води кон Граничниот премин „Јариње“ меѓу Косово и Србија.
Сево ова време, на местото се присутни и војниците на КФОР кои се задолжени за осигурување на мирот и безбедноста. Според договорот меѓу Приштина и Белград постигнат во четвртокот во Брисел, КФОР ќе остане на граничните премини во северниот дел на Косово, Јариње и Брњак, околу две недели. Крајниот рок за повлекување на двете страни е денеска до 16 часот.
Според договорот постигнат со посредство на Европската Унија, во понеделник ќе започне примената на режимот на налепници од двете страни на границата, односно со налепниците ќе се покриваат државните симболи на регистарските таблички и на Косово и на Србија.