İlayda Çakırtekin
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Литванскиот претседател Гитанас Науседа предупреди дека повторливите напади врз муслиманите можеби се дел од организирана кампања, а не изолирани инциденти, објави јавниот радиодифузер ЛРТ, јавува Анадолу.
„Повторувањето на инцидентите – и наводните и реалните – во релативно краток период ме наведува да верувам дека тоа не се случајни изливи на емоции, туку кампањи чии организатори треба да се бараат“, изјави Науседа за телевизијата ЛНК.
Тој ги даде овие изјави по два инцидента кога на средината на септември во Вилнус јавно беше запалена копија од Куранот, а мотоциклисти организираа протест прикажувајќи свинска глава за време на муслиманските молитви пред џамијата.
За инцидентите беа поведени истраги.
Науседа ја нагласи потребата Литванија да остане земја во која различните религии и култури коегзистираат мирно.
Тој истакна дека прашањето за миграцијата е релевантно, но предупреди дека тоа не треба да се решава со постапки како прикажување свински глави.
Науседа рече дека ваквите прашања не треба да се решаваат со поделба на христијански и нехристијански земји.
„Да, постојат прашања поврзани со дополнителни тензии затоа што луѓето доаѓаат од сосема (различна) културна средина, но тоа не значи автоматски дека тие се лоши луѓе или луѓе што ѝ посакуваат зло на Литванија“, нагласи Науседа.
„Не треба да се бориме против националности или земји; треба да се бориме против целокупниот прилив на миграција“, додаде тој.