Zülfiya Yakup
28 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
ПРИШТИНА (АА) - Во организација на Агенцијата за статистика на Косово денеска започна петдневната конференција со која се најавуваат подготовки за реализација на Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2021 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Социјалната статистика и раководителот на пописот на населението во 2021 година, Авни Кастрати, на отворањето на конференцијата изјави дека овој проект треба да ги опфати сите европски и светски стандарди и дека во согласност со тоа и ќе работат.
Кастрати изјави дека добиле помош и од Евростат, и дека минатата недела е одржан состанок во Анкара, каде што е разговарано за процесот на попис во балканските земји.
„Агенцијата за статистика на Косово, врз основа на советот на Евростат и меѓународните стандарди, веќе го има испланирано секој чекор, секоја активност, така што, реализацијата на пописот во 2021 година ќе биде како што е планирана, а потоа ќе се објават резултатите кои сигурно ќе бидат важни податоци за нашата земја“, изјави Кастрати.
Тој нагласи дека за успешен попис е потребна поддршка на сите косовски институции и дека е потребно што побрзо формирање на нова влада, која со Собранието на Косово треба да го усвои Нацрт-законот за попис.
Шефот на ИТ-одделот за попис на населението 2021 година, Бурим Лимоли, изјави дека е подготвен планот за главните активности, планот за буџетот, документот за управување со буџетот, планот за ажурирање, описот на работата и слично.
„Во 2017 година направивме анализа на состојбата на административните регистри на Косово и дојдовме до заклучок дека следниот попис во 2021 година би требало да се спроведе на традиционален начин, од врата до врата, затоа што административните регистри засега на Косово не дозволуваат пописот да се заснова само на регистри“, изјави Лимоли.
Агенцијата за статистика на Косово во текот на оваа недела ќе одржи низа одвоени работилници на кои ќе присуствуваат претставници на локалните и меѓународните институции и организации, како што се општините, академиите, универзитетите и истражувачките институти, цивилното општество и верските заедници.
Последниот попис на населението, домаќинствата и становите на Косово е спроведен во април 2011 година. Тогаш на територијата на Косово живееја 1.739.825 жители. Меѓутоа, одзивот на српското население на тој попис беше многу мал и тоа јужно од реката Ибар, додека на северниот дел на Косово беше бојкотиран.
Според меѓународните стандарди, попис на населението се извршува на секои десет години.