Husamedin Gina
11 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) – Професорот д-р Атанас Вангелов, академскиот сликар Павле Кузмановски, актерката Бедиа Беговска и политикологот Махи Несими се добитници на државната награда „11 Октомври“ во 2021 година за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Собранието на Република Северна Македонија на свечена церемонија денеска беше врачена државната награда „11 Октомври“ за 2021 година.
Павле Кузмановски, Бедиа Беговска и Махи Несими ја добија наградата за животно дело во областа на културата и уметноста, а Атанас Вангелов за животно дело во областа на науката и образованието.
Во име на добитниците на годинашната награда се обрати академскиот сликар Павле Кузмановски.
Кузмановски, заблагодарувајќи се од името на наградените за доделувањето на највисоката републичка награда за животно остварување „11 Октомври“, рече:
„Уметникот и секој творец во својата дејност создава растеретен од очекувањата за јавни признанија, задлабочен во својот творечки свет. Сепак, во нашиот творечки свет очигледно не сме биле сами, па ви заблагодаруваме за тоа. Оваа највисока награда има големо значење за секој од нас“, нагласи Кузмановски.
На добитниците наградата „11 Октомври“ им ја врачи членот на Одборот, Атанас Костовски.
Атанас Вангелов, добитникот на наградата за животно дело во областа на науката и образованието, е научник од европски формат, исклучителен познавач на јазикот, критичар, теоретичар на книжевноста, на уметноста и културата. Меѓу многубројните дела на Атанас Вангелов значајни се 15 студии, критики со изразито полемички потенцијал, а меѓу нив тој врвен дострел постигнува со оние што се посветени на творештвото на Блаже Коневски, лирската биографија на Конески.
Ликовниот уметник Павле Кузмановски специјализира како стипендист на француската Влада во градот Анже, Франција, во 1980 година, а подоцна остварува и повеќе студиски престои во „Cite Internationale des Arts“ во Париз. Во ликовниот свет, Павле Кузмановски станува препознатлив со сликите од циклусите „Сведоци“, „Девојки“, „Мртви природи“, „Пејзажи“ и „Портрети“.
Професионалната актерска кариера на Бедиа Беговска започнува во почетокот на 1970-тите години во Турскиот театар во Скопје. Беговска уште со своите први ангажмани на професионалната сцена го сврте вниманието на публиката и на театарската критика. Како една од водечките актерки на само во Турскиот театар туку и во театарот во Македонија, Беговска во текот на 50-годишната работна кариера забележа завиден актерски опус на разни полиња на театарската уметност, како актерка, драмски автор и преведувач.
Политикологот и публицист Махи Несими е познат по содржајните анализи од надворешната политика, фељтонистика и коментарите за политички настани во земјата и регионот. Несими ги третира политичките настани во Северна Македонија од воспоставувањето на политичкиот плурализам сè до 2001 година во книгата „Албански превирања“.
Државната награда „11 Октомври“ се доделува како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Северна Македонија.