Zylfije Adem Jakupi
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
ПРИШТИНА
Седум лица се приведени и извршен е претрес на девет различни локации во косовските градови Приштина, Урошевац и Штрпце во рамките на продолжението на акцијата „Брезовица“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претресот е извршен и во канцелариите на Министерството за животна средина и просторно планирање, а меѓу приведените се двајца службеници на тоа министерство кои се осомничени за земање мито.
Денешната акција и приведување, на косовските медиуми им ги потврди главниот обвинител од Урошевац, Шукри Јашари.
Овие активности се продолжение на акцијата од 21 декември кога беа приведени 10 лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Штрпце, Братислав Николиќ од Српската листа, поради примање мито за издавање дозволи за изградба на викендички во Брезовица.
На десеттемина приведени во декември, Основното обвинителство во Урошевац им одреди еден месец притвор.
Обвинителството тврди дека поранешниот градоначалник Николиќ примил мито од 210 илјади евра за издавање на 21 градежна дозвола за викендички на еден инвеститор, како и уште 200 илјади евра за градежна дозвола за хотел од истата компанија.