Zülfiya Yakup
01 Ноември 2018•Ажурирај: 02 Ноември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Пратениците на Собранието на Косово не ја усвоија Резолуцијата која ја предложија опозициските партии, а со која би се спречил претседателот на Косово, Хашим Тачи, во дијалогот со Србија да преговара за размена на територијата или корекција на границите, јавува Anadolu Agency (AA).
За Резолуцијата гласаа само 50 од присутните 90 пратеници, немаше против, ниту воздржани.
За изгласување на Резолуцијата е потребно просто мнозинство на гласовите или 61 пратеник.
Пратениците на опозициските партии, Демократскиот сојуз на Косово (LDK) и Движењето „Самоопределување“, по гласањето ја напуштија салата.
Пратениците на Српската листа не учествуваа во работата на вонредната седница.
Пред гласањето, пратеничките групи ниту денес, како ни вчера по осумчасовна дебата, не успеаја да го хармонизираат заедничкиот текст на Резолуцијата.
Шефот на пратеничката група Демократски сојуз на Косово, Авдула Хоти, изрази подготвеност на опозицијата, како предлагач, со нејзиниот текст на Резолуцијата да се обедини и една од точките кои ги предложи владејачката партија Демократска партија на Косово (ПДК).
„Собранието на Република Косово повторува дека Уставот на Република Косово, суверенитетот на државата, територијалниот интегритет и единствениот државен карактер на Република Косово се неприкосновени. Ниту претседателот, ниту некој друг нема право да преговара за територијата на Косово“, го прочита Хоти преработениот текст на Резолуцијата.
Шефот на пратеничката група ПДК, Мемли Красниќи, изјави дека неговата партија нема да учествува во гласањето за Резолуцијата затоа што опозицијата одби да ги вклучи и другите предложени точки.
Красниќи смета дека опозицијата продолжува со политичките игри и дека со тоа самата овозможува претседателот Тачи да продолжи да го води дијалогот во Брисел.
Тој порача дека ПДК ќе гласа дури кога текстот на Резолуцијата ќе се хармонизира. Останатите партии на владејачката коалиција Алијанса за иднина на Косово (AAK) и Иницијативата за Косово (Нисма), исто така не учествуваа во гласањето за Резолуцијата.
Шефот на пратеничката група на опозициската Социјалдемократска партија, Дардан Сејдиу, изјави дека неговата партија ќе ја поддржи предложената Резолуција, иако според него, ваквата состојба не создава простор да се надмине проблемот во земјата.