Zylfıje Adem Jakupı
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
ПРИШТИНА (АА) - Лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, не предложи мандатар за состав на новата Влада на Косово на денешниот консултативен состанок со косовскиот претседател Хашим Тачи, а претседателот Тачи му даде рок од 48 часа да номинира кандидат за премиер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Тачи на својот фејсбук-профил напиша дека потребата од формирање влада е животно важна за државата и граѓаните на Косово, но дека Курти денеска не бил подготвен да понуди предлог за мандатар од Движењето Самоопределување.
„Како претседател на државата, ќе го извршувам својот уставен и законски авторитет за зачувување и негување на политичкото и граѓанското единство и евроатлантската ориентација на државата Косово. Затоа, решив да му понудам на г. Курти дополнителни 48 часа да предложи кандидат за иден премиер на Владата на Република Косово, пред да го преземам понатамошното уставно и правно дејствување“, напиша Тачи.
Албин Курти по состанокот им кажа на новинарите дека состанокот со претседателот на Косово бил без правни обврски и дека станало збор за идните фази на формирањето на Владата на Косово. Тој истакна дека на состанокот, кој траел неколку минути, го слушнал интересот на претседателот за формирање на Владата, како и неговото разбирање дека за тоа е потребно време.
„Исто така побара да дадеме предлог, но врз основа на Уставот на Косово и одлуката на Уставниот суд на Косово, тоа треба да го сториме по писмен пат. Јас ќе го пренесам ова барање до претседателството на Самоопределување, и што е можно поскоро на претседателот на Републиката ќе му го доставиме нашиот предлог за идниот премиер“, рече Курти.
Нагласи дека сега се потребни имињата на министрите и замениците-министри од страна на Демократскиот сојуз на Косово.
Демократскиот сојуз на Косово, пак, денеска одржа состанок на својата парламентарна група, а потоа и состанок на претседателството на партијата.