Zylfije Adem Jakupi
09 Јули 2021•Ажурирај: 12 Јули 2021
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Албин Курти, побара од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Атина, Грција, да го признае Косово, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според Владата на Косово, премиерот Курти истакнал дека Грција и Косово треба да ги зајакнат своите независни односи поради долгата заедничка историја, заедничката цел на мирот и безбедноста на Балканот и долгата заедничка иднина.
„Косово сака да ги надгради постојните историски врски меѓу двата народа и да ги подобри односите со Грција, како важен елемент за долгорочна регионална стабилност“, рече Курти.
Премиерот Курти побара од Грција да се приклучи на блокот земји што го признаа Косово.
Тој се заблагодари за поддршката и конструктивниот однос кон Косово, што Грција го покажа особено во последниве месеци, давајќи поддршка во корист на визната либерализација за граѓаните на Косово и заговарајќи членство на Косово во меѓународни организации.
Премиерот Курти го информира својот грчки колега за достигнувањата на новата Влада на Косово во првите 100 дена, вклучително и доброто управување со пандемијата на Ковид-19.
Премиерот Мицотакис на оваа средба ја повтори заложбата на Грција за унапредување и натамошно зајакнување на соработката меѓу двете земји како дел од промовирањето на европската перспектива на Западен Балкан. На средбата се разговараше и за зголемувањето на билатералните економски односи меѓу Косово и Грција.
Премиерот на Косово на покана на грчкиот премиер Мицотакис учествува на тркалезна маса со Владата на Грција во Атина. На оваа тркалезна маса, 25-та по ред, организирана од грчката Влада и престижниот британски „Економист“, учествуваат премиери и министри од разни земји, владини претставници, носители на одлуки, извршни директори и академици.
На темата „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“, оваа тркалезна маса е простор за дијалог за прашања што го дефинираат светот, заснован врз искуствата на земјите кои се соочуваат со пандемијата на Ковид-19 и заедничките напори за постабилно и еднакво општество.