Abdula Berısha
08 Јануари 2020•Ажурирај: 10 Јануари 2020
СКОПЈЕ
Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич, за време на неговата прва официјална посета на Република Северна Македонија, на покана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (AA).
По интонирањето на химните на НАТО и Република Северна Македонија и пречекот со високи воени почести од страна на началникот на Генералштабот, претседавачот на Воениот комитет на НАТО оствари средби со својот домаќин и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Како што информираат од Генералштабот на Армијата, за време на средбата помеѓу генералот Ѓурчиновски и маршалот Стјуарт Пич се разговараше за тековните процеси кои се преземаат во Армијата во пресрет на скорешното полноправно членство во НАТО, за поддршката од највисокото воено советодавно тело на НАТО, како и за претстојната конференција на Воениот комитет која ќе се оддржи следната недела во Брисел.

На средбата со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, беше заклучено дека Северна Македонија е подготвена за полноправно членство во НАТО и дека тоа ќе се случи во скоро време.
„Министерката Шекеринска искажа уверување дека позитивниот развој на настаните во Шпанија ќе овозможи нашата земја навреме да го ратификува Протоколот за прием во Алијансата. Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич, ги поздрави реформските чекори во трансформацијата на Армијата и ја истакна натамошната поддршка на планот на обуката и вежбите“, стои во соопштението.
Маршалот Стјуарт Пич искажа пофални зборови за досегашниот вложен труд и успешниот процес на трансформација на Армијата во интегративниот процес за нашето претстојно полноправно членство во НАТО.