Bekim Laci
07 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Народниот правобранител, Иџет Мемети, на прес-конференција изрази разочарување поради фактот дека Собранието на Македонија на вчерашната седница не ги усвои мерките со коишто ќе ја обврзеше Владата да ја подобри состојбата во областа на правата и слободите на граѓанинот во повеќе животни сфери, јавува Anadolu Agency (AA).
Мемети истакна дека согласно Законот за народниот правобранител, Собранието треба да усвои мерки за определување и спроведување на препораките кои се наоѓаат во извештајот на народниот правобранител, додека владата, согласно новиот закон, по шест месеци треба да му одговори на Собранието до кој степен ги спровела неговите препораки.
Тој нагласи дека на 5 јуни 2017 година, парламентарната комисија за Политички систем и односи со заедниците едногласно гласаше за мерките што Собранието се очекуваше да ги усвои и да ги достави до Владата, но ова, како што рече тој, не се случи.
„Што се однесува до работата во полицијата, мерките предвидуваат Министерството за внатрешни работи (МВР) да може да се контролира однадвор, формирајќи контролен механизам кој нема да биде од внатре во МВР. Полициските средства како што се гумени куршуми и електрични парализатори, да се отсранат од законот и да се отворат училишта за едукација на полицајците. Што се однесува до судовите, мерите се однесуваат на нивната неефикасност, а административните органи треба да соработуваат со Управниот суд“, рече Мемети.
„Што се однесува до затворите, мерките се однесуваат на лошите услови, начинот на управување, безбедноста и едукацијата во затворите, а најжално е тоа што не се дава медицинска помош во затворите, што резултира со смрт“, се некои од препорачаните мерки, рече народниот правобранител, и додаде дека сега тие ќе се претворат во мерки на народниот правобранител кои ќе бидат доставени до Владата, од којашто јавно бараше да ги прифати согласно новиот закон.
Мемети изјави дека денес ќе се одржи средба со три политички партии претставени во Собранието, Демократската унија за интеграција (ДУИ), Социјалдеморатскиот сојуз на Македонија (СДСМ), и ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што рече Мемети, истанале оти се свесни дека мерките требало да поминат, а во меѓувреме му нуделе поддршка.
„Да почекаме да видиме што ќе прави Собранието бидејќи овие мерки се на Собранието, не се мои. Јас сум задолжен да изготвам извештај и да информирам која е состојбата“, истакна тој.
Препораките што народниот правобранител ќе ги достави до владата ќе влијаат во областа на цивилната состојба и редот, областа на судската пракса, правото на избор, правата на бегалците и мигрантите, казнено-поправните и безбедносните институции, институциите за социјална заштита, пензиско-инвалидското осигурување, здравствената заштита, правата на децата, финансиите, животната средина, имотно-правните односи, работните односи и правата на потрошувачите.