Bojana Stojanovic
17 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
СОФИЈА (АА) - „Со цел мир и безбедност на сите, Западен Балкан мора да биде безбеден“, изјави денес германската канцеларка Ангела Меркел во Софија, јавува Anadolu agency (AA).
Таа наведе дека тоа е во интерес на Европа.
„Со цел мир и безбедност на сите, важно е да имаме безбеден Западен Балкан кој економски добро се развива“, изјави за новинарите Меркел, која присуствува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во главниот град на Бугарија.
Таа го пофали домаќинот на Самитот, Бојко Борисов, истакнувајќи дека „прекрасно го организирал настанот“.
„Добар дел од Западниот Балкан гарантира мир и безбедност за сите нас, а Бојко Борисов вложи многу труд во оваа тема“, додаде Меркел.
За нуклеарниот договор на Иран, Меркел наведе дека целата Европска Унија го дели мислењето оти тој договор не е совршен, но треба да се одржи и да се продолжат преговорите со Иран.
Премиерот на Бугарија и домаќин на Самитот, Борисов, за новинарите изјави дека доаѓањето на многу значајните претставници на ЕУ, лидерите на земјите членки на ЕУ, како и лидерите на земјите на Западен Балкан претставува добар знак. Меѓутоа, тој забележа дека недостига премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, поради ставот на таа земја кон Косово, наместо кој учествува амбасадорот на Шпанија во Брисел, Пабло Гарсија.
Борисов во Софија ги дочека Меркел, британската премиерка Тереза Меј и францускиот претседател Емануел Макрон, коишто дојдоа заедно до Националната палата на културата.
Макрон за новинарите изјави дека тој е за зајакнат стратегиски дијалог со Западен Балкан и европска перспектива на овие земји, но дека големо внимание посветува кон секое проширување, пред спроведувањето на реформите во ЕУ кои би овозможиле подобро функционирање на Унијата.
На новинарите им се обрати и Меј, која изјави дека и покрај Брегзит, Лондон ќе остане при поврзувањето на земјите на Западен Балкан, потсетувајќи дека во јули ќе биде одржан собир на лидерите на земјите на Берлинскиот процес, на кој ќе се зборува за безбедноста.
„За нас стабилноста и безбедноста на Балканот е многу важна тема“, додаде таа.
На Самитот, покрај шефовите на државите и владите на земјите членки и највисоки официјални претставници на ЕУ, присуствуваат и лидери од Западен Балкан. На Самитот учествува премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, и премиерот на Македонија, Зоран Заев. Претседателот на Косово, Хашим Тачи, првпат дојде во Националната палата на културата, каде што се одржува Самитот, а потоа дојдоа и косовскиот премиер Рамуш Харадинај и министерот за надворешни работи, Беџет Пацоли.
Домаќин на состанокот е бугарскиот премиер Бојко Борисов, а со состанокот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој ја претставува ЕУ, како и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Исто така, на Самитот учествуваат и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и претставниците на Светската банка.