Erbil Başay
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
БЕРЛИН (АА) - Коалициската влада, составена од партиите на Христијанско-демократската унија на Германија/Христијанско-социјална унија (CDU/CSU) и Социјалдемократската партија (SPD), се договорија Франк-Валтер Штајнмаер да биде заеднички кандидат за нов претседател на Германија, којшто ќе го замени досегашниот претседател на Германија, Јоахим Гаук, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за економија на Германија и претседател на Социјалдемократската партија, Габриел Зигмар, во седиштето на партијата изјави дека избран е Штајнмаер бидејќи е човек кого народот го посочува и во кого народот верува.
Особено во ова време, кога се случуваат промени, Габриел истакна дека е потребен човек во кого се има доверба.
„Го истакнуваме нашето задоволство од тоа што за функцијата претседател на Германија го кандидираме него. Партиите што коалицираат во Владата сметаат дека Штајнмаер е личност којашто одговара на функцијата претседател на нашиот народ“, изјави Габриел.
Тој најави дека в среда ќе одржи прес-конференција заедно со германската канцеларка и претседателка на Христијанско-демократската унија, Ангела Меркел, со претседателот на Христијанско-социјална унија Хорст Зеехофер, како и со министерот за надворешни работи Штајнмаер.
На телеконференцијата одржана со раководството на партијата, германската канцеларка Меркел рекла дека заедничкиот кандидат Штајнмаер е заедничкото решение.
И поранешниот канцелар на Германија, Герхард Шредер, претставуањето на Штајнмаер за претседателски кандидат на Германија го окарактеризира како вистинска одлука и додаде дека ја почитува поддршката на Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија.
- Два мандата како министер за надворешни работи -
Во владата на Германија, во периодот на коалицијата меѓу Социјалдемократската партија и Зелената партија, кога канцелар беше Герхард Шредер, во периодот 1999-2005 Штајнмаер беше претседател на кабинетот на германскиот канцелар. Од 2005 до 2009 година, во рамките на владата на коалицијата СДУ/ЦСУ – СПД, Штајнмаер беше министер за надворешни работи. Во периодот од 2007 до 2009 година, Штајнмаер истовремено ја извршуваше и функцијата вицепремиер. Во втората коалициска влада на СДУ/ЦСУ – СПД под раководство на Меркел, Штајнмаер повторно беше назначен за министер за надворешни работи.
На општите избори во 2009 година, Штајнмаер (SPD) беше противкандидат на Меркел (CDU) за позицијата канцелар на Германија.