Abdula Berisha
22 Јули 2019•Ажурирај: 23 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, заедно со директорот на Директоратот за меѓународно право и конзуларни работи, Љуфтим Спахиу, го презентираа центарот Глобал СОС, преку кој им се пружа помош на државјаните на Северна Македонија кои се наоѓаат надвор од земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Димитров истакна дека потребата од ваква алатка произлегува од проблемите со кои се соочуваат граѓаните при обидот за контактирање, за да имаат полесен пристап до потребните информации. Тој појасни дека е формирана група за вонредни ситуации, преку телефонска линија што е достапна и на апликациите Вибер (Viber) и Вотсап (WhatsApp).
„Мислам дека ова е особено актуелно во периодот токму на овие летни месеци, кога граѓаните одат на одмор и така натаму и се соочуваат со ваков тип на предизвици повеќе“, рече Димитров.
Директорот Спахиу рече дека врз основа на нивната анализа се констатирало дека граѓаните немале контакт со Министерството за надворешни работи или дипломатско-конзуларните претставништва, наведувајќи дека било одлучено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи да има дел наречен Глобал СОС, каде што ќе бидат напишани телефонските броеви на Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва.
„На местото каде што ќе го најдат бројот од Глобал СОС, од центарот, ги има и броевите дежурни на секое дипломатско претставништво на Република (Северна) Македонија, да веднаш бидат услужени, дали упатени до соодветната институција или веднаш да им биде дадена конзуларна заштита“, рече Спахиу.
Тој рече дека дипломатските претставништва се во постојана служба 24/7 за граѓаните, додавајќи дека бројот на Министерството за надворешни работи е во функција? служба од 08:00 до 22:00 часот.
Спахиу рече дека центарот има намера да работи на вонредни случаи, како што е загуба на патна исправа или ако државјанинот е физички нападнат, но според досегашните податоци, тој рече дека 80 отсто од повиците се за вообичаени ситуации. Сепак, Спахиу рече дека досега биле опслужени сите граѓани кои биле во контакт со Министерството за надворешни работи или со дипломатските претставништва.