Admir Fazlagic
27 Јули 2017•Ажурирај: 28 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Интервенциите на израелските безбедносни сили против Палестинците кои своите молитви ги извршуваа во комплексот на џамијата Ал Акса и поставувањето на детекторите за метал и видеокамерите како безбедносни мерки, предизвикаа бројни реакции кај истакнатите интелектуалци и организации кои застанаа на страната на обесправените муслимани, штитејќи ги нивните основни човекови права.
Еден од нив е и Ферид Мухиќ, универзитетски професор, филoзоф, публицист и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија. Тој во изјава за Anadolu Agency (AA) даде свој коментар за интервенциите на Израел во џамијата Ал Акса, којашто е трет по важност храм за муслиманите, и истакна оти најнапред треба да се потсети дека секоја интервенција на Израел во комплексот на џамијата Ал Акса е акт на насилство.
„Имено, целиот комплекс на џамијата Ал Акса ужива долга традиција на зона со којашто суверено управуваат муслимани, што значи дека протестите на муслиманските верници и нивните претставници во овој контекст се потполно оправдани. Дотолку, палестинскиот претставник во ОН, Ријад Мансур, со право, израелскиот упад во Ал Акса го нарече 'агресивно однесување и провокативно насилство'“, вели Мухиќ.
Како што вели тој, од таа причина, во право е и директорот на комплексот на џамијата Ал Акса, шеик Наџех Бакират, кога нагласи дека отстранувањето на детекторите за метал е недоволно и оти Израел е должен да ги отстрани безбедносните камери од овие зони и да ги повлече воените и полициските единици.
Пратеникиот Мухиќ нагласува дека воената окупација на комплексот на џамијата Ал Акса на 14. јули, мора да биде најостро осудена од целата меѓународна јавност, пред сѐ од ОН, а Израел е должен да даде гаранции дека тоа веќе нема да се повтори, расплет во којшто Мухиќ лично не верува.
„Во текот на овие 70 години од основањето на Израел и егзодусот на Палестинците, многупати и меѓународното право и меѓународната јавност, па и ОН ги затворија двете очи пред флагрантните акти на насилство на израелските власти. Сепак, очекувам дека решителноста на муслиманите да го вратат своето право над џамијата Ал Акса ќе влијае на израелските власти тоа право да го почитуваат“, смета Мухиќ.
„Меѓу другото, опасноста од верски судир и императивите на соработката со арапските соседи би можеле да делуваат посилно од сите меѓународни осуди и евентуални санкции, колку и да биле тие само теоретски веројатни“, заклучува Мухиќ.
Кризата ескалираше минатата недела, кога израелските полицајци убија тројца Палестинци пред и во комплексот Ал Акса, што резултираше со општ метеж во којшто беа повредени повеќе лица, меѓу кои и двајца израелски полицајци кои починаа на пат кон болницата. Израелската полиција по овој настан издаде наредба да се затвори комплексот Ал Акса.
Локалното население три дена не можеше да влезе во комплексот Ал Акса, а минатата недела израелските сили на влезовите од комплексот поставија дополнителни контролни пунктови со детектори за метал. Локалните Палестинци протестираа поради овој потег на израелската власт и одбија да влезат во комплексот, а своите молитви ги извршуваа пред објектот.