Admir Fazlagic
27 Јули 2017•Ажурирај: 28 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) – Откако во медиумите и на социјалните мрежи беа објавени фотографии од објект за којшто медиумите наведуваа дека е градинка која се наоѓа во населбата Чаир во главниот град на Република Македонија, Скопје, каде што група деца извршуваат верски обреди, надлежните институции излегоа на теренот со цел да ја увидат вистинската состојба, јавува Anadolu Agency (AA).
Во врска со овие наводи, од Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, во изјава за АА велат дека инспекциската екипа наишла на напуштен објект кога го посетила местото.
„Кога инспекциската екипа на министерството го посети споменатото место, наиде на напуштен објект во чијшто двор можеле да се забележат играчки за деца“, информираа од Министерството за труд и социјална политика. Од Министерството за образование и наука на Република Македонија (МОН), во изјава за АА велат дека не се работи за градинка, туку за здружение на граѓани.
„Државниот просветен инспекторат има ингеренции да врши инспекциски надзор само на воспитно-образовни установи верифицирани само од Министерството за образование и наука. Според приложената документација, станува збор за здружение на граѓани „Блета“, кое е основано со Законот за здруженија на граѓани и фондации“, велат од МОН и информираат дека во просториите на Здружението биле примени инспекторите од страна на затекнатите лица и утврдено е дека во еден од објектите на ова здружение се работело со деца и жени.
Од Министерството за внатрешни работи во изјава за АА информираа дека се запознаени со случајот, како и дека моментално се врши истага. Во интерес на истрагата, велат од таму, засега нема информации што би можеле да ги споделат со јавноста.
- Фондација „Мустафа Паша“: Немаме никаква поврзаност со институција под име „Блета“
Во локалните медиуми деновиве се пишуваше дека целосната документација на објектот во кој вршеше активности здружението „Блета", ја задржува претседателот на фондацијата Мустафа паша, кој е турски државјанин. Од фондацијата „Мустафа Паша" ги негираат ваквите наводи истакнувајќи дека немаат никаква поврзаност со градинка и институција под име „Блета“.
„Во последниве денови неколку медиуми што објавуваат вести преку социјалните мрежи, објавија неосновани тврдења и информации во врска со правниот аспект на нашата фондација и нашите основачи. Одредени кругови како цел на напад ја зедоа нашата фондација и намерно се обидуваат да нѐ поврзат со градинката под име 'Блета', со којашто немаме никакви допирни точки. Всушност, нашата фондација нема никакви контакти и не соработува со споменатата институција“, велат од фондацијата „Мустафа Паша“.
Од таму информираат дека оствариле средба со Министерството за труд и социјална политика, при што дале објаснување дека немаат никаква поврзаност со споменатата градника.
„Потврдивме дека нашата фондација сите свои активности во Македонија, на полето на културата и хуманитарната помош, ги спроведува според македонските закони, без никаков недостаток, и немаме никакви допирни точки со институцијата под име 'Блета'“.
„Затоа, истакнуваме дека се неточни сите лажни обинувања што од саботата се изнесени за нас и нашата фондација. Овие тврдења или се вести направени од незнаење, или се намерно пуштени во медиумите со цел да се создаде лошо мислење за нас“, велат од фондацијата „Мустафа Паша“, додавајќи дека ќе поднесат тужба против организацииите и институциите што ја објавија веста за местото именувано „Блета“ и нивните фотографии ги прикажаа како да припаѓаат на фондацијата „Мустафа Паша“, без приложување на какви било докази.
Потсетуваат дека фондацијата за образование, култура и хуманитарна помош „Мустафа Паша“ од Скопје е основана во 2012 година, како и дека во Македонија делува во законските рамки и претставува официјална институција којашто своите активности ги спроведува на полето на културата и хуманитарната помош.