Ömer Tuğrul Çam
29 Септември 2023•Ажурирај: 01 Октомври 2023
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека одобриле обезбедување дополнителни сили за Мировните сили на Косово (КФОР), известува Анадолу.
Столтенберг денес објави писмено соопштение во врска со општата ситуација на Косово во кое наведува дека Северноатлантскиот совет, тело за донесување одлуки на НАТО, денеска дискутирало за ситуацијата на Косово.
Истакнувајќи го присуството на КФОР во Косово, Столтенберг рече: „Ќе ги спроведеме сите неопходни активности за осигурување безбедна средина и продолжување на слободата на движење на луѓето кои живеат во Косово. Тоа ќе го направиме непристрасно и со ингеренциите што ги добиваме од ОН.“
Потсетувајќи дека од мај досега е зголемено присуството на КФОР, кога ескалираа тензиите во Косово, Столтенберг истакна дека Северноатлантскиот совет вчера овластил обезбедување дополнителни сили наспроти актуелната ситуација.
„Ќе продолжиме на нашиот командант да му ги овозможуваме сите потребни ресурси и флексибилност за да ги оствари овластувањата на КФОР. Подготвени сме да направиме приспособувања на распоредувањето на КФОР, доколку е потребно тоа“, рече Столтенберг.
Повторувајќи го својот повик до страните во Косово да ги намалат тензиите, Столтенберг нагласи дека за решавање на меѓусебните проблеми, Белград и Приштина треба да продолжат со процесот на дијалог поддржан од ЕУ.
Тензиите што со месеци траат на северот на Косово, повторно ескалираа утрото на 24 септември, кога вооружени Срби го блокираа патот во Бањска, каде што живее претежно српско население, и пукаа кон косовските безбедносни сили, што резултираше со смрт на полицаец.
Премиерот на Косово, Албин Курти, информираше дека тешко вооружена група од околу 30 лица, кои ги опиша како „професионална терористичка/криминална структура“, ја нападнала косовската полиција, а Србија ја смета како одговорна за инцидентот.
Вооружената група, која се засолни во манастирот во Бањска и неговата околина, беше опколена од косовската полиција, а судирите продолжија во подрачјето во текот на целиот ден.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечла, соопшти дека во акцијата спроведена во Бањска се убиени најмалку тројца напаѓачи, а приведени се 6 лица од кои двајца напаѓачи и четири лица кои со радиоврски давале поддршка на нападот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека инцидентот што резултираше со смрт на еден косовски полицаец го извршиле косовски Срби.