Elena Trenchevska Chekovic
16 Јули 2026•Ажурирано: 16 Јули 2026
Делегација на Вооружените сили на Сојузна Република Германија, предводена од началникот на Вооружените сили, генерал Карстен Бројер, престојува во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, пренесува Анадолу.
По приемот со високи воени почести, германската делегација во Генералштабот на Армијата оствари средба со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Како што е соопштено од Армијата на РСМ, на средбата е потврдена долгогодишната соработка меѓу двете армии, која се реализира преку заеднички обуки, воени вежби, развој на способности и други форми на билатерална воена соработка.
Во рамките на официјалните разговори, дискутирано е за актуелната регионална и глобална безбедносна состојба, безбедносните предизвици во зоната на операции на Алијансата, регионалните планови на НАТО за Југоисточна Европа, учеството во меѓународни мисии и операции, како и за процесот на модернизација и опремување на Армијата.
На германската делегација презентирани ѝ се капацитетите на армискиот полигон „Криволак“, еден од најзначајните полигони за обука во Југоисточна Европа.
За време на посетата, генералот Бројер оствари средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски, при што е потврдена „одличната билатерална одбранбена соработка меѓу двете земји, изградена врз доверба, заеднички вредности и посветеност на колективната одбрана“.
„На денешните разговори ја потврдивме нашата заедничка определба дека ние, сојузниците, сме обединети околу нашата примарна мисија – заштита на секоја педа од територијата на НАТО“, изјави генерал-мајор Сашко Лафчиски, нагласувајќи дека Армијата останува посветена на спроведувањето на одлуките на Алијансата и усвоената Декларација на Самитот на НАТО во Анкара.
Генералот Бројер, од своја страна, истакна дека Германија ја поддржувала Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во НАТО, додавајќи дека по приемот во Алијансата партнерството меѓу двете земји дополнително е продлабочено.
„Република Северна Македонија претставува значаен фактор на стабилност во Југоисточна Европа, а нејзиниот придонес кон регионалната и колективната безбедност е високо ценет од Германија“, рече Бројер.
Тој додаде дека заедничка цел е зајакнување на европскиот столб на НАТО преку единство, развој на способности, конкретен воен придонес и тесна соработка меѓу сојузниците, партнерите и пријателите.
Во рамките на официјалната посета, генерал Бројер ќе оствари средби и со претседателката и врховен командант на Вооружените сили на РСМ, Гордана Сиљановска-Давкова, како и со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.