Oktaj Omeragikj
26 Јули 2025•Ажурирај: 27 Јули 2025
СКОПЈЕ (АА) - Неуспешен уште еден обид за конституирање на собранието на Косово, известува Анадолу.
Авни Дехари, претседавачот со седницата, како што направи неколку пати претходно, ги повика партиите кои не номинираа своите кандидати за членови на Комисијата за тајно гласање да го сторат тоа сега.
Во салата се повтори истата сцена - пратениците на опозициските партии, овој пат Абељард Тахири од Демократска партија на Косова (ДПК), Јехона Лусаку-Садриу од Демократски сојуз на Косово (ДСК) и Тиме Кадриај од Алијанса за иднината на Косово (АИК), побараа Дехари да се врати на дневниот ред, на што тој побара да им се исклучат микрофоните.
Откако ниту денес немаше доволно гласови за избор на Комисијата за тајно гласање, Дехари ја прекина седницата.
Тој ја закажа нова 54-та седница за вечерва во 22 часот, во согласност со рокот од 30 дена што го одреди Уставниот суд.
Денес, инаку, истекува рокот од 30 дена поставен од страна на Уставниот суд на Косово за завршување на процесот за конституирање на парламентот.
Во меѓувреме, Уставниот суд донесе уште една одлука, за привремена мерка со која им се забранува на пратениците да донесуваат какви било одлуки или дејствија поврзани со конститутивната седница по истекот на рокот од 30 дена. Мерката стапува на сила утре и ќе трае до 8 август.
Конститутивната седница започна на 15 април, а оттогаш продолжуваат меѓусебните обвинувања меѓу партиите и префрлањето на одговорноста за институционалната блокада.
До денес, за изборот на новиот претседател на Собранието на Косово и конституирањето на новиот парламентарен состав не помогнаа ниту разговорите меѓу претставниците на партиите и косовската претседателка Вјоса Османи, ниту состаноците на лидерите на трите најголеми опозициски партии со Албин Курти, ниту средбите меѓу Курти и лидерот на Нисма, Фатмир Лимај, кој со своите тројца пратеници може да биде „пресвртна точка“, но тој ја бара функцијата претседател на Парламентот, ниту пак вчерашното присуство на дипломатски претставници во собраниската сала.