– Аида ЦАКО
Во близина на главниот град на Северна Македонија, Скопје, се наоѓа едно од најимпресивните природни чуда на Балканот – кањонот Матка, јавува Анадолу.
Местото каде што сивите варовнички карпи се среќаваат со смарагдно зелената вода на реката Треска привлекува сè поголем број домашни и странски посетители.
Кањонот Матка се протега на површина од околу 5.000 хектари и нуди совршена комбинација од природа, историја и авантура. Посетителите може да уживаат во кајакарење, планинарење, возење со чамец и истражување на пештерите, а свежиот воздух и глетките нудат вистинска пауза од урбаниот живот.
Чамците што пловат по мирната површина на водата, во придружба на звуците на птиците од околните шуми, создаваат чувство како да се патува надвор од времето.
Турите што се организираат со нив низ кањонот нудат незаборавни моменти и можност за истражување во мир.
- „Кањонот Матка е убавина што ни ја подарил Господ“
Џелал Рамадани, воен пензионер и водич на туристички тури низ кањонот, објаснува дека ова подрачје е уникатно по географската положба.
„Кањонот Матка е реткост, убавина, која ни ја подарил Господ семоќен. Овде има две планини – Сува Гора од лева и Сува Планина Каршијак од десна страна, помеѓу кои тече реката Треска. Таа извира од селото Извор, 131 километар одовде, на патот кон Охрид“, вели Рамадани.
Тој додава дека во областа има голем број можности за рекреација:
„Тука може да се плива, да се кајакари, можности за алпинизам, планинарење и велосипедизам. Има и врвови што се мошне атрактивни – врвот Раса со 1.369 метри и врвот Кале на Водно со 1.044 метри надморска висина.“
- Врело: Најдлабока подводна пештера на Балканот
Посебна атракција е пештерата Врело до која се пристигнува со чамец. Оваа пештера, украсена со сталактити и сталагмити, крие подводен систем што, според истражувањата, е најдлабок на Балканот.
„Пештерата Врело е подводна пештера, вертикална, се состои од три дела, горниот дел, сувиот дел и влезот за подводната пештера Врело. Влезот е широк четири и висок два метра“, вели Рамадани.
Според неговите зборови, тука доаѓале разни тимови на спелеонуркачи од светот, при што италијанскиот спелеонуркач Луиџи Касати заедно со неговиот тим од Белгија успеал да нурне до 212 метри длабочина.
Во 2017 година полскиот спелеолошки нуркач Кшиштоф Старнавски успеал да го надмине рекордот за најдлабоко нуркање во подводната пештера со длабочина од 240 метри.
Со оваа длабочина Врело се смета за најдлабока подводна пештера на Балканот и треторангирана во Европа, при што не случајно заедно со Охридското Езеро беа кандидати за избор за нови седум светски чуда на природата.
- Резерват, езера и ретки видови
Интересен факт е дека кањонот е познат и како Кањон на пеперутките, со околу 135 ендемски видови, како и ретки растенија, меѓу кои и наталија рамонда.
Близу кањонот се наоѓа и природниот резерват Јасен, со површина од 28.000 хектари. Поранешната воена зона денес е отворена за посетители.
„Во Јасен има срни, диви кози, диви свињи и муфлони“, вели Рамадани, додавајќи дека е дозволен лов, но со дозвола и плаќање.
Во Матка се наоѓа и најстарата вештачка акумулација – езерото Матка 1, изградено во 1938 година. Во околината постојат и други езера – Матка 2 (Света Петка) и Козјак.
- „Имаме посетителите од сите страни на светот, најмногу од Турција“
Кањонот привлекува сè поголем број туристи од различни земји. Рамадани вели дека најголем број посетители има од Турција.
Тимот на Анадолу влезе да ги истражи убавините на пештерата Врело и разговараше со некои од туристите, кои беа воодушевени од местото.
Туристката Ирем Султан Шен од турскиот град Мерсин вели дека за кањонот дознала на интернет.
„Додека на интернет баравме места за посета, ги видовме овие и многу ни се допаднаа, па затоа решивме да дојдеме. Дојдовме со чамец, погледот беше прекрасен, водата многу чиста. Пештерата ме потсети на неколку пештери во Мерсин“, рече таа.
Го сретнавме и Норвежанецот Џад Бард кој со семејството првпат дошол во Северна Македонија.
„Стигнавме пред два дена. Сè е супер, многу е топло, но луѓето се пријателски расположени, природата е прекрасна, храната многу добра. Сѐ уште не се возевме со брод, до пештерата пешачевме по патеката, што беше многу интересно. Пештерата е прекрасна, ладна, свеж воздух, сосема поинаков тип свежина“, вели тој.
- Популарна дестинација во близина на градот Скопје
Кањонот Матка е совршена дестинација и одлично прибежиште од секојдневните рутински активности поради лесниот пристап и уникатната природа.
Може да се стигне за дваесеттина минути со автомобил од центарот на Скопје, а достапна е и со автобус, велосипед или пешачење.
Несомнено е дека доколку Матка е ваша следна дестинација, ќе доживеете автентично уживање.