Husamedin Gina
11 Ноември 2019•Ажурирај: 12 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Ситуацијата во Охис е под контрола, и нема место за паника“, изјави денес министерот за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Насер Нуредини, во врска со настанот што се случи во петокот кога при миење на цистерна, која порано содржела метил акрилат мономер, дојде до попуштање на вентилот, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, заедно со раководителот на Одделението за инспекциски надзор на животната средина, Пејо Кировски, и раководителката на секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина, Ана Каранфилова Мазневска, одржа средба со медиумите каде се осврна на случајот во Охис.
Нуредини, истакнувајќи дека нема простор за паника нагласи дека ситуацијата во Охис е под контрола.
„Што се однесува до настанот што се случи во Охис во текот на викендот, сите институции по однос на нивните компетенции се вклучени да го решат случајот, нема место за паника, ситуацијата е под контрола“, рече Нуредини.
Пејо Кировски, раководителот на Одделението за инспекциски надзор на животната средина, осврнувајќи се на деталите во врска со случајот истакна дека станува збор за излевање на течност при миење на цистерна која порано содржела метил акрилат мономер.
„Во Охис станува збор за излевање на течност при перење на цистерна која содржела порано метил акрилат мономер, при перењето со вода дошло до протекување од вентилот и течноста и се излеала во бетонската када (бетонска када служи за во случај на инцидент да не дојде до излевање на површината на почвата и да не дојде до загадување на почвата и водата) и како резултат на тоа имаше ширење на една миризба која ги вознемири граѓаните“, нагласи инспекторот Кировски.
Тој исто така нагласи дека вечерта во 20:30 часот бетонската када била покриена со дрвени струготини и дека наредниот ден струготините биле собрани и кадата дезинфицирана со варова вода.
Ана Каранфилова Мазневска, раководителка на секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина, истакна дека министерството нема одговорност бидејќи имотот припаѓа на доверителите, и тие распишуваат тендер и одлучуваат за фирмата која ќе раководи со отпадот.
„Се работи за имот кој не му припаѓа на Министерството за животна средина, и се разбира дека доверителите си распишуваат тендер и си одлучуваат. Ние учествувавме во само еден дел, нѐ консултираа на кој начин треба да се избере компанијата, односно кои се критериумите кои треба да ги задоволи компанијата која може да се јави на тој тендер. Немавме одговорност како Министерство за животна средина и просторно планирање“, истакна Мазневска.
На новинарското прашање зошто раководењето со опасни хемикалии како хлород, винил хлорид, е оставено само на доверителите, Ана Каранфилова Мазневска одговори:
„Не е оставено само на доверителите, ние ги дадовме насоките на кој начин треба да се избере компанијата, во смисла кои критериуми треба да ги исполнува генерално, за да може да се јави на повик, меѓутоа не учествувавме директно во изборот на компании.“