Abdula Berisha
13 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Меѓународната организација за миграции (ИОМ) одбележа 20 години присуство на својата Мисија во Северна Македонија, при што се потпиша и меморандум за соработка со Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
На пригодната свеченост одржана во Министерството за надворешни работи присуствуваа министри на Владата на Северна Македонија, претставници од ИОМ, претставници од Организацијата на обединетите нации (ООН), како и голем број дипломати.
Заменик-министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Андреј Жерновски, потсети дека Мисијата на ИОМ е основана во периодот на кризата со бегалците од Косово во 1999 година, додавајќи дека Северна Македонија станала полноправна членка на ИОМ во 2014 година.
„Со нашето партнерство и соработка се постигнаа исклучителни резултати, особено во периодот кога се соочивме со предизвиците на големиот бран на мигранти и бегалци, кога како држава бевме дел од т.н. Балканска рута“, рече Жерновски.
На присутните им се обрати и Росана Дуджак, претставничка од ОН, која ја истакна улогата и важноста на мигрантите во економскиот и меѓукултурниот развој.
Аргентина Сабадош, регионална директорка на ИОМ за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија, во својот говор им се заблагодари на сите вработени на ИОМ во Северна Македонија за нивниот ангажман во изминатите 2 децении, потсетувајќи дека во текот на кризата со бегалците од Косово во 1999 година, ИОМ во Северна Македонија броеше 400 вработени.
Свој говор имаше и Питер ван дер Овараерт, субрегионален координатор на ИОМ за Западен Балкан, којшто рече дека балканските земји во изминатите години многу добро се справија со мигрантите, помагајќи им во нивниот пат, и истакна дека на Балканот беа организирани многу мал број протести против мигрантите.
Соња Божиновска-Петрушевска, шеф на Канцеларијата на ИОМ во Северна Македонија, ги наброи главните активности на организацијата, при тоа истакнувајќи ја помошта за мигрантите и за граничните служби.
„ИОМ од своето основање работи во превенција на трговијата со луѓе и опасностите кои се надоврзуваат со миграцијата преку социо-економското зајакнување на чувствителните категории, но исто така и преку активностите за подигнување на свеста“, рече Петрушевска.
По одржаните говори, Владата на Северна Македонија и ИОМ потпишаа меморандум за соработка, со кој понатаму се продлабочува соработката од областа на дијаспората, особено во креирање на политиките и стратешките документи за дијаспората.
Потписник за Владата беше министерот одговорен за дијаспора, Едмонд Адеми, додека за ИОМ се потпиша регионалната директорка Аргентина Сабадош.
Министерот Адеми во својот говор истакна дека миграцијата е феномен кој во себе вклучува човечки судбини од различни страни на светот, но и влијае врз економијата, политиката и културата.
„Да се биде мигрант не е злочин. Напротив, тоа е повик за поголем ангажман на сите општествени чинители во корист на човековото достоинство“, рече Адеми.
Меѓународната организација за миграции е агенција на Обединетите нации која имплементира активности кои се однесуваат на поддршка на институционалните капацитети во областите на: управување на миграциите, борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето на мигранти, но и програми за реинтеграција на мигрантите во нивните земји на потекло.