Abdula Berisha
02 Мај 2019•Ажурирај: 03 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Портпаролите на Владата на Северна Македонија, Миле Бошњаковски и Мухамет Хоџа, одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за техничките детали непосредно пред посетата на папата Франциск во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Миле Бошњаковски, потсетувајќи дека посетата е закажана за 7 мај, истакна дека посетата на папата Франциск во родниот град на Св. Мајка Тереза, има посебна симболика.
Бошњаковски апелираше до сите граѓани, заинтересирани за учество во Светата миса, до 3 мај да подигнат бесплатни билети кои се издаваат од католичките парохии во Северна Македонија.
„Во централното градско подрачје на Скопје, или во појасот наречен „Голем ринг“, во вторник, на 7 мај, од 6:00 до 19:00 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и тој ќе биде пренасочен на сообраќајниците околу центарот на Скопје“, рече Бошњаковски.
Тој, исто така апелираше до жителите на Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз, истакнувајќи дека тој ден јавниот превоз ќе биде бесплатен.
Портпаролот Мухамет Хоџа информираше околу владините одлуки на 132-та владина седница.
„Владата на Северна Македонија, на последната седница го усвои Предлог-законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачките дозволи“, рече Хоџа, објаснувајќи дека врз основа на Собранискиот деловник, договорот треба да се усвои и во Собрание.
Исто така, Хоџа информираше дека Владата дала негативно мислење за Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) за 2018 година.
На прес-конференцијата, исто така беше кажано дека Владата преговара од месец јули минималната плата во Северна Македонија да биде 13.000 денари. Тоа, според владините портпароли, ќе биде стимул за раст на останатите плати во државата.