Husamedin Gina
09 Ноември 2020•Ажурирај: 10 Ноември 2020
СОФИЈА (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и неговата бугарска колешка, Екатерина Захариева, денеска копретседаваа со состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан, во рамки на копретседавањето на процесот од страна на Северна Македонија и Бугарија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Веднаш по завршувањето на состанокот онлајн прес-конференција одржаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, министерката на Бугарија, Екатарина Захариева, и министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас.
Поради ситуацијата со Ковид-19, средбата на министрите за надворешни работи е организирана преку видеоконференциска врска, а нејзин домаќин беше бугарското МНР.
Истакнувајќи дека во фокусот на денешниот состанок била младата генерација, министерот Османи рече дека имаат сериозна обврска да сторат сè за да не дозволат на идните генерации да го остават товарот на меѓусебните односи.
„По овој состанок заедно со Екатерина ќе учествуваме на тинк-тенк форум заедно со многу млади луѓе од регионот и Европа. Сигурен сум дека ќе го слушнеме овој повик за разум, за надминување на пречките и недоразбирањата. Сигурен сум дека ќе го слушнеме повикот на младиот човек за заедничка европска иднина“, нагласи Бујар Османи.
Според Османи, утре на лидерскиот самит ќе биде лансиран новиот акциски план за воспоставување заеднички регионален пазар и зелена агенда за Западен Балкан.
„Тоа значи за прв пат формирање на заеднички пазар врз основа на ЕУ-стандардите и критериумите на заедничкиот пазар“, рече Османи, истакнувајќи дека тоа ќе значи потенцијал за развој на регионалниот бизнис и атрактивност за големите мултинационални компании.
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, истакна дека денеска на состанокот разговарале за подобрување на поврзувањето во сите сфери како што се дигиталната, сферите за зближување на младите луѓе, образованието и за зачувување на околината.
„Ние сме многу убедени дека поврзувањето е многу важен фактор за изградба на меѓусоседски односи и тие се во склад со стандардите на Европската Унија. Тие врски ќе ги сочуваат економиите живи, посебно во кризно време како што е сегашното“, нагласи Захариева.
Потсетувајќи дека се работи за пазар од повеќе 20 милиони луѓе, Захариева рече дека колку поедноставни ќе бидат врските меѓу луѓето и бизнисот, толку повеќе ќе има перспектива за регионот, посебно за младите.
Германскиот шеф на дипломатијата, Хеико Мас, истакна дека Германија се надева дека ќе има разбирање меѓу Северна Македонија и Бугарија, што ќе ги задоволи двете земји, а ако тоа не се случи процесот на проширување ќе се соочи со тешкотии.
Берлинскиот процес е политичко-дипломатска иницијатива, што е започната во август 2014 година од страна на германската канцеларка Ангела Меркел.
Учесниците во процесот се земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, а коспонзори и поддржувачи се неколку земји членки на ЕУ, како Германија, Франција, Австрија, Италија, Велика Британија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија.