Besar Ademi
13 Април 2018•Ажурирај: 14 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот во Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на презентацијата на спроведувањето на Планот 3-6-9, рече дека за реализација на овој план на Владата ги надмина сите пооптимистички очекувања и дека се реализирани преку 90 отсто од предвидените мерки, јавува Anadolu Agency (АА).
Презентацијата на планот 3-6-9, со кој Владата се обврза да спроведе итни реформи, доаѓа во пресрет на објавувањето на извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија на патот кон евроинтеграциите, кој ќе биде објавен следниот вторник, на 17 април.
„Планот има реализација со над 90 отсто од мерките што беа предвидени за овој период. Имавме очекување дека тоа ќе биде 95 до 99 отсто, но вчера во Собранието некои од законите беа откажани поради барањата на опозицијата за дополнителни консултации”, рече Османи, осрвнувајќи се на враќањето на опозицијата во Парламентот и гласање на закони за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Османи додаде дека постојат неколку мерки кои не се реализирани од вкупно 103 мерки, според него, поради потребата од дополнителни консултации со Европската комисија (ЕК) и опозицијата или поради промена на текстовите на законите.
Османи, исто така, истакна дека очекува извештајот на ЕК да биде најдобар досега и изрази уверување дека Македонија ќе добие чиста и безусловна препорака за почеток на преговорите за пристап во Европската Унија (ЕУ).
Вчера, вицепремиерот Османи престојуваше во посета на Брисел, каде што се состана со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на ЕК, Федерика Могерини, на која исто така и го претстави Планот 3-6-9.
„Со консензус на сите моите соговорници истакнувам дека Македонија во изминатите девет месеци спроведе агресивна продуктивна агенда на реформи и се врати на нејзинот евроатлантски пат”, рече Османи, осврнувајќи се на вчерашната средба во Брисел.
Инаку, Планот 3-6-9 беше донесен во јули минатата година, врз основа на Програмата на Владата, Пржинскиот договор, Извештајот на Прибе, Венецијанската комисија, Комисијата на ГРЕКО, како и препораките на ОБСЕ ОДИХР.