Agim Sulaj
27 Ноември 2026•Ажурирано: 27 Ноември 2026
Претседателката на Косово, Јустина Широка-Пуља, која го претставува Косово на самитот во рамките на Процесот „Брдо-Бриони“, што се одржува во Охрид, во своето обраќање до регионалните лидери истакна дека на Косово му припаѓа заслуженото место во европското семејство, пренесува Анадолу.
Како што соопшти нејзиниот кабинет, косовската претседателка истакна дека ЕУ мора да покаже оти принципите на еднаквост, солидарност и почитување на европските вредности важат подеднакво за сите земји.
Таа смета дека европската интеграција не може да биде селективна и дека сите земји мора да напредуваат кон членство врз основа на заслуги и еднакви критериуми. Според неа, регионалната соработка, добрососедските односи и европската интеграција се од суштинско значење за иднината на Западен Балкан.
Осврнувајќи се на Форумот за проширување на Европската Унија (ЕУ), одржан на 16 ноември во Брисел, Широка-Пуља го критикуваше исклучувањето на Косово од овој настан, како и фактот што беше дозволено изведување на националистичка песна, која ја доведува во прашање државноста и територијалниот интегритет на Косово.
Таа нагласи дека е парадоксално на Косово да му се ускратува институционално претставување на настан посветен на проширувањето и европските вредности, додека истовремено се дозволуваат пораки што ја негираат реалноста. Според претседателката, ваквите практики не придонесуваат за помирување и регионална соработка.
Претседателката Широка-Пуља повтори дека Косово не бара привилегии, туку еднаквост, почит и правичен третман, нагласувајќи дека европската интеграција е стратегиски избор за Косово и дека отсуството на напредок кон статусот на земја кандидат ја поткопува довербата на граѓаните во европската перспектива на регионот.
Во своето обраќање, претседателката на Косово, исто така, ја истакна важноста на регионалната економска интеграција и спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.