Admir Fazlagic
04 Декември 2020•Ажурирај: 05 Декември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес-конференција соопшти дека на министерскиот состанок на Организацијата за безбедност и соработка со Европа (ОБСЕ) во Тирана било одлучено со консензус, Република Северна Македонија да биде домаќин и да претседава со ОБСЕ во 2023 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска е постигнат голем дипломатски успех за нашата држава на министерскиот состанок на ОБСЕ во Тирана. Денеска на завршната сесија на овој министерски состанок 56-те земји учеснички на ОБСЕ, од Владивосток до Ванкувер, со консензус ја прифатија нашата кандидатура, со што и официјално ни го доделија претседавањето со Организацијата во 2023 година“, рече Османи.
Тој рече дека одлуката била поздравена од сите членки за што изрази јавна благодарност.
Според Османи, претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија како конструктивен актер и контрибутор во промоцијата на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе се создаде можност да се манифестира институционалниот капацитет кој се очекува од земја членка на НАТО и идна земја членка на Европската Унија.
„Како земја претседавач, Република Северна Македонија би придонела за понатамошно промовирање на принципите и вредностите на Организацијата, креирајќи притоа простор за реализација за сопствените меѓународни политички приоритети и можност за етаблирање како активен чинител во сферата на регионалната безбедност и соработка. Тоа, пред сѐ, значи и можност и за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ“, истакна Османи.
Информираше дека во наредниот период ќе се пристапи кон дефинирање на предлог-програмата, дефинирање на приоритетите на државата, детализирање на финансиската конструкција и формирање на поширок тим кој ќе биде одговорен за реализација на активностите до и за време на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
За таа цел, рече Османи, потребно ќе биде да се формира национален координативен тим, од кој дел ќе биде деташиран во Виена, а дел ќе работи во МНР.
„За време на самото претседавање, наша обврска ќе биде да организираме најмалку еден формален министерски состанок со присуство на министрите за надворешни работи на 57-те земји членки на ОБСЕ и придружните делегации, потоа со делегациите на раководството, претставниците на самите институции на ОБСЕ и делегациите на Парламентарното собрание, и секако, со партнерските земји. Дополнително, согласно досегашната практика и амбициите на земјата, за очекување е да се организира и дополнителен неформален министерски совет, како што тоа го направија претходните претседавачи“, потенцира Османи.
Шефот на дипломатијата на Северна Македонија рече дека тоа се огромни министерски состаноци кои бараат огромна логистичка, техничка и административна поддршка, за што земјата ќе треба сериозно да се подготви за да се покаже во вистинско светло.