Admir Fazlagic
23 Април 2019•Ажурирај: 24 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Со одлука на Основниот суд Скопје 2, Скендер Бузаку, поранешен секретар на Муфтивството во Скопје, се појави во седиштето на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, истакнувајќи дека тој е новиот поглавар на ИВЗ, додека актуеното раководство на ИВЗ ја отфрли оваа одлука и свика вонредна седница на Ријасетот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во тек е вонредната седница на Ријасетот на ИВЗ која се одржува во скопско Кондово, а седиштето на ИВЗ во Скопје е опкружено со полициски сили кои го придружуваа Бузаку кој го достави судското решение во седиштето на ИВЗ.
Актуелното раководството на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија излезе со реакција против изјавата на Скендер Бузаку кој пред седиштето на ИВЗ во Скопје изјави дека тој според судско решение е новиот поглавар на ИВЗ.
Муамер Вејсели, директор на Агенцијата за халал стандард na ИВЗ и воедно член на Ријасетот на ИВЗ, во седиштето на оваа институција пред медиумите изјави дека се зачудени од ваквите настани.
„Ние како Исламска заедница сме зачудени од вакви типови на скандали кои постојано се случуваат во оваа институција која е уставна, а без никакво сомнение дека ова е резултат на нефункционирање на правдата и правната држава во Македонија”, истакна Вејсели кој додаде дека актуелниот реис ул-улема Сулејман ефенди Реџепи нема поднесено оставка.
Вејсели додаде и дека реисот Реџепи ќе ја врши својата функција се додека ја има довербата од Ријасетот на ИВЗ.
Во попладневните часови пред седиштето на Исламската верска заедница во Скопје имаше засилено полициско присуство а влезната врата од оваа институција беше затворена.
Пред медиумите се појави Скендер Бузаку кој истакна дека од денес врз основа на судско решение тој е новиот реис ул-улема на Исламската верска заедница во Северна Македонија.
Тој информираше дека денес пратил допис и до Финансиска полиција за да се направи увид во финансиско работење во ИВЗ. Рече дека чека во секој момент да дојде Финансиска полиција да утврди како е работено во ИВЗ.
Запрашан од медиумите дали тој е новиот поглвар на ИВЗ, тој одговори потврдно истакнувајќи дека неговото тврдење го заснова „врз основа на сите внатрешни акти и врз основа на судско решение”.
Бузаку пред медиумите го прикажа решението од Основниот суд Скопје 2, од 17.04.2019 година, според кое тој ќе ја врши функцијата реисул улема на ИВЗ.