Admir Fazlagic
24 Април 2019•Ажурирај: 24 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Ријасетот на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Република Северна Македонија вечерва одржа вонредна седница, откако претходно денеска поранешниот секретар на Муфтивството во Скопје, Скендер Бузаку, се појави во седиштето на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, истакнувајќи дека тој поседува судско решение според кое тој е новиот поглавар на ИВЗ, јавува Anadolu Agency (AA).
- Основниот суд го разреши Реџепи, именуваше нов поглавар на ИВЗ
По одржаната седница на Ријасетот во скопско Кондово, прес-конференција одржа реис ул-улема на ИВЗ, Сулејман ефенди Реџепи, кој судската одлука на Основниот суд ја нарече „примитивен скандал".
„Во име на моите колеги, членови на Ријасетот на ИВЗ со кои заседававме, ве информирам дека ИВЗ силно е огорчена за овој скандал што се случи. Скандалот не е ад-хок, не памтам ваков примитивен скандал. Со свеста, со памет, со очи, со срце, толку длабоко да потпаднат на криминал што целиот свет ќе го осуди", рече Реџепи.
Тој додаде дека јавноста ќе види кваква поддржа во наредните денови ќе има ИВЗ и од меѓународната заедница.
Реџепи рече дека не го признаваат актуелниот претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Северна Македонија, Даријан Сотировски, за кого рече дека е „соучесник на ова што се случи".
„Пренесувам и изјавувам дека ние ова не го посакуваме ниту го заслуживме, оти сме биле и останавме примерна заедница во Република Македонија. Паметиме уште од поранешниот систем, авангарда на сите заедници била ИВЗ", истакна Реџепи на прес-конференцијата.
Во попладневните часови пред седиштето на Исламската верска заедница во Скопје имаше засилено полициско присуство а влезната врата од оваа институција беше затворена.
Пред медиумите се појави Скендер Бузаку кој истакна дека од денес врз основа на судско решение тој е новиот реис ул-улема на Исламската верска заедница во Северна Македонија.
Тој информираше дека денес пратил допис и до Финансиска полиција за да се направи увид во финансиско рабатење во ИВЗ.
Запрашан од медиумите дали тој е новиот поглвар на ИВЗ, тој одговори потврдно истакнувајќи дека неговото тврдење го заснова „врз основа на сите внатрешни акти и врз основа на судско решение”.
Бузаку пред медиумите го прикажа решението од Основниот суд Скопје 2, од 17.04.2019 година, според кое тој ќе ја врши функцијата реис ул-улема на ИВЗ.
По неговата изјава, актуелното раководството на ИВЗ излезе со реакција против оваа изјава.
Муамер Вејсели, директор на Агенцијата за халал стандард na ИВЗ и воедно член на Ријасетот на ИВЗ, во седиштето на оваа институција пред медиумите изјави дека се зачудени од ваквите настани.
Вејсели додаде и дека реисот Реџепи ќе ја врши својата функција се додека ја има довербата од Ријасетот на ИВЗ.
- МВР: „Не беше констатирано нарушување на јавниот ред и мир"
Во врска со денешните настани во ИВЗ со писмено соопштение до јавноста излезе и Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија во кое се наведува дека денес во седиштето на ИВЗ во Скопје „не беше констатирано нарушување на јавниот ред и мир."
„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по добиени две пријави (и од едната и од другата страна), полициски службеници денеска се упатија во седиштето на Исламската верска заедница на Бит пазар и на лице место не беше констатирано нарушување на јавниот ред и мир. Министерството за внатрешни работи има обврска да го гарантира јавниот ред и мир, а внатрешните работи на Исламската верска заедница се работа на членовите на оваа верска заедница и најостро го отфрламе обидот на поединци и политички субјекти да го инволвираат МВР во овие случувањa", стои во соопштението на МВР.
Потсетуваме, во 2015 година, тогашниот скопски муфтија Ибраим Шабани, поддржуван од тогашниот секретар на скопското Муфтивство, Скендер Бузаку, се обиде да стане претседател на ИВЗ, по што Ријасетот на ИВЗ ги одзеде нивните надлежности.