Bekim Laci
27 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Парламентарната комисија за деловнички и мандатноимунитетни прашања, со 5 гласа „за“, ниту еден против и воздржан, гласаше за одземање на имунитетот на пратеникот, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, кој моментално се наоѓа во Унгарија, јавува Anadolu Agency (AA).
Денешното гласање е иницирано по судско барање, во кое се бара приведување на Груевски кој се обвинува за неколку одделни судски процеси, за изборни нерегуларности во случајот „Титаник“, за нерегуларности за време на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, познат како случај „Траекторија“, за рушење на објектот Космос, за „ТНТ“, за нелегалното финансирање на партијата познато како судски процес „Талир“, како и за наредбата за поттикнување насилство во општина Центар, случај познат како „Шлаканици во Центар“.
Со оваа одлука, Комисијата донесе одлука за одземање на имунитетот на Груевски, при што му предложи на Собранието на Република Македонија да ја изгласа одлуката на пленарна седница, која најверојатно ќе се одржи вечерва.
Претседателот на оваа комисија, Павле Богоевски, во својот говор изрази разочарување од, како што рече, една создадена парадоксална ситуација во која треба да му се одземе имунитетот на еден пратеник кој се наоѓа во бегство и е казнет од страна на Судот.
„Морам да изразам разочарување што нашиот систем не успеа да го обезбеди присуството на осуденото лице Никол Груевски за издржување на неговата казна затвор. Врз основа на тоа сакам да го потенцирам барањето коешто јас лично го имам но и целата јавност го има: мора да се доврши и темелно да се спроведе истрагата за утврдување на одговорноста за тоа кој точно дел од системот потфрлил, при обезбедувањето на Никола Груевски за идржувањето на неговата казна затвор", рече Богоевски и додаде:
„Но исто така, морам да посочам ова искуство мора да ни послужи како лекција за да ги идентификуваме и многу брзо да ги корегираме системските недостатоци кои што доведоа до оваа ситуација и коишто доведувааат до оваа контрадиктороност ние вака да имаме дожност денеска да постапуваме“, рече Богоевски.
Поранешниот премиер Груевски е осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, во врска со луксузниот автомобил, марка „мерцедес“, во вредност од околу 570.000 евра.
Груевски пред извесно време во објава на својот профил на Фејсбук потврди дека Унгарија позитивно одговорила на неговото барање за азил.