Admir Fazlagikj
15 Јануари 2016•Ажурирај: 16 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА)- На претседаелот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељановски му е доставена оставката на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, соопштуваат од Кабинетот на претседателот на Собранието, јавува Anadolu Agency (AA).
"Ве известувам дека денес, 15.01.2016 година, ми беше доставена оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски. Оттаму, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе постапувам во согласност со уставните, законските и деловничките права и обврски. Истовремено, имајќи ги во предвид превземените политички обврски на лидерите на најголемите политички партии во Република Македонија согласно договорот од 2 јуни 2015 година и протоколот од 15 јули 2015 година, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе го следам исходот од денешните разговори со посредство на меѓународната заедница", се вели во соопштението на Вељановски.
"Искажувам надеж дека политичките лидери на Република Македонија ќе успеат да ги надминат меѓусебните предизвици, а во функција на натамошен демократски развој на Република Македонија. Верувам дека во периодот што следи ќе биде направен уште еден исчекор во исполнувањето на обврските од постигнатиот договор, а во функција на натамошно стабилизирање на вкупните прилики во државата" , пишува во соопштението на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски.
Својата оставка ја најави претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во своето вчерашно обраќање до јавноста.