Husamedin Gina
14 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За време на разговорот, според писменото соопштение од Кабинетот на претседателот, двајцата претседатели размениле информации за актуелните состојби во двете држави во контекст на справувањето со последиците од ширењето на Ковид-19.
„Претседателот истакна дека фокусот на државите, покрај на справувањето со последиците на здравствен план, треба да биде насочен и кон справувањето со последиците на економски и социјален план“, се нагласува во соопштението од Кабинетот.
Имајќи ја предвид неодамнешната потврда на земјите членки на Европската Унија за подготвеноста на Северна Македонија и Албанија за почеток на пристапните преговори за членство, а по откажувањето на Самитот на лидерите на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан, што требаше да се одржи на 7 мај во Загреб, поради состојбата со ширењето на КОВИД-19, претседателот Пендаровски изрази очекување дека Европската Унија ќе успее да изнајде модалитети за придвижување на процесот, во интерес на двете држави и на самата Унија.
Според соопштението, соговорниците изразиле подготвеност за размена на искуства, координација и поддршка онаму каде што е потребно, во духот на солидарноста и регионалната соработка за справување со епидемијата, како и за надминување на здравствената и социоекономската криза предизвикана од Ковид-19.
„Претседателот Мета упати честитка до претседателот Пендаровски и до сите граѓани за влезот во НАТО“, се додава во соопштението од Кабинетот.