Vesna Besic
06 Ноември 2025•Ажурирај: 07 Ноември 2025
САРАЕВО (АА) - Во Универзитетскиот клинички центар Тузла се хоспитализирани 15 лица што се повредени во пожарот што во вторникот вечерта изби на седмиот кат во Домот за пензионери во Тузла, јавува Анадолу.
„Седуммина пациенти се хоспитализирани на Клиниката за анестезиологија и реанимација, а четворица од нив се на апарати за механичка вентилација“, соопшти Универзитетскиот клинички центар Тузла.
Оттаму изјавија дека петмина пациенти, кои престојувале во Домот за пензионери во Тузла, биле хоспитализирани на Клиниката за белодробни заболувања.
„Сите пациенти имаат стабилни витални параметри“, потврдија оттаму, наведувајќи дека двајца пациенти се хоспитализирани на Клиниката за интерна медицина, а нивната здравствена состојба во моментов е стабилна.
Еден пациент повреден во пожарот е хоспитализиран на Клиниката за урологија и тој е во стабилна состојба.
Персоналот и сите расположливи капацитети на Универзитетскиот клинички центар Тузла сè уште се достапни за потребите за сместување на корисниците на Домот за пензионери во Тузла.
Најмалку 11 лица загинаа, а 38 се повредени во големиот пожар што избувна на седмиот кат во Домот за пензионери во Тузла околу 20:45 часот во вторникот.
Според прелиминарните информации, пожарот избувнал на катот каде што биле сместени корисници со попреченост, што значително ја отежнало евакуацијата.
Сведоците на местото на настанот изјавиле дека кратко по избувнувањето на пожарот се почувствувал густ чад и дека во зградата настанала паника.
Денешниот ден е прогласен за Ден на жалост во Федерацијата Босна и Херцеговина и Округот Брчко.
Градот Тузла прогласи четиридневна жалост, која почнува од денес.
Владата на Црна Гора на телефонска седница вчера одлучи денес, 6 ноември, да го прогласи за Ден на жалост во земјата.
Советот на министри на БиХ вчера одржа телефонска седница, на која не беше одлучено да се прогласи ден на жалост низ цела БиХ бидејќи немаше кворум за гласање.