Sibel Vezaj
02 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
ПРИШТИНА (АА) - Апелациониот суд во Колмар, Франција, во денешното рочиште ја одложи одлуката за ослободување или екстрадиција на поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај во Србија. Следното судско рочиште ќе се одржи на 6. април, јавува Anadolu Agency (AA).
По сослушувањето, Харадинај во една изјава рече дека судот одлучил да побара дополнителни информации од српските власти, давајќи им рок од уште еден месец.
„Следната одлука се очекува на 6. април. Навистина е злоупотреба сѐ што се случува, а јас сум политички заложник. Значи овој процес е најмалку правен, а најмногу политички“, рече Харадинај.
- АИК: Задоцнетата правда е неправда -
Опозициската партија во Косово, Алијанса за иднината на Косово реагираше по одложувањето на одлуката за лидерот на партијата, Рамуш Харадинај, истакнувајќи дека ова е злоупотреба на правдата.
Во соопштението од АИК се вели дека одлуката е нелогична и сосема неразбирлива.
„Изненадувачки е како француските судски органи се ставаат во служба на поранешни соработници на Милошевиќ, кои преку Харадинај ги провоцираат стабилноста и мирот во Косово. АИК се сомнева дека одложувањето на одлуката за ослободување на Харадинај е директен обид за неговото политичко отстранување“, се вели во соопштението.
Од АИК, исто така, истакнаа дека се убедени оти Харадинај ќе биде пуштен на слобода, и нагласија дека т.н. докази на Србија против него се измислици и обични клевети, но француските власти мора да разберат дека задоцнетата правда е неправда, а тие ја одложуваат правдата во случајот Харадинај“.
Инаку, поранешниот косовски премиер и поранешен лидер на ОВК, Рамуш Харадинај, кој во моментов е претседател на опозициската Алијанса за иднината на Косово, на 4. јануари беше приведен од страна на француските власти, врз основа на потерницата на Србија издадена во 2004 година.
Тој беше условно ослободен на 12. јануари од француските власти, а одлуката беше одложена и на седницата на 9. февруари. Претходно, Харадинај беше уапсен и во Словенија во 2015 година врз основа на истата потерница, но подоцна беше ослободен.